Европската унија да ја награди Македонија со „статус на функционална пазарна економија“ бидејќи ужива економска слобода каква што немаат половина од актуелните членки на ЕУ, побара известувачот за Македонија во Европскиот парламент, европратеникот Ричард Ховит.
– Ова ќе ја направи земјата прва во регионот со ваков статус. Индексот на економска слобода – објавен во „Волстрит журнал“ минатиот месец, ја става земјата пред 13 земји кои се веќе членки на ЕУ. Доделувањето на овој статус може да помогне да се обезбедат повеќе странски инвестиции и претставува можност да се направи конкретен чекор напред во интерес на идното членство на оваа земја во ЕУ – вели европратеникот Ховит.
Тој , исто така, упати повик до грчкото претседателство со ЕУ да стави крај на ќор-сокакот со земјата. Според него, напорите за решавање на името кои траат веќе дваесет година фрлаат сомнеж на кредибилитетот на ОН да го реши прашањето.
– Оваа година, по речиси дваесет години преговори, мојот извештај по првпат изразува сомнеж на кредибилитетот на ООН да го реши прашањето за името. Се надевам дека сите актори вклучени во овој процес ќе го докажат спротивното – вели тој.
Инаку, известувачот следниот четврток ќе дојде во Македонија, да ги пренесе ставовите од дискусијата во Парламентот по Извештајот за Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.