| четврток, 6 декември 2018 |

Кристина Ковач: Ме изненади гласањето на Жељко

Како членка на жирито во „Икс-фактор“ и менторка на групата девојки „4U“, кои синоќа испаднаа од конкуренција, Кристина Ковач денеска во долг и искрен статус го опиша своето разочарување поради необјективноста на нејзините колеги.

– Емоцијата која преовладува по синоќешната елиминација на мојата група „4U“ е тага. Сметам дека ни Харис ни „4U“ не заслужуваа да бидат во дуел вчера, но кога тоа веќе се случи, морам да кажам дека сум разочарана од фактот што напредокот направен од страна на „4U“ од почетокот на емисиите во живо, не помогна ниту кај жирито, ниту кај публиката. Тоа е многу разочарувачки и испраќа лоша порака.

Секој знае, од почетокот го поддржувам Харис и се борам со искрени и прецизни коментари, тој со полна сила на својот талент да засјае во настапите во живо, но тоа од емисија во емисија не се случува. Тоа не е негова вина, мислам дека одговорноста за ова лежи во неговата менторка, која по мое мислење не препозна што најдобро му лежи на Харис и што е она во што е најдобар, а тоа е една од најважните задачи на менторот.

Бев изненадена од гласањето на Жељко бидејќи, колку што се сеќавам, и од него и од остатокот на жирито, „4U“ од емисија во емисија добиваа сѐ подобри коментари, додека за Харис не може да се каже истото, баш поради погрешниот избор на песни и неможноста Харис преку нив целосно да го изрази својот потенцијал.

Важно е дека и јас и девојките сме сигурни во нивниот квалитет, дека синоќа имаа два одлични настапа и со подигнати глави излегуваат од „Икс-фактор“. Јас сум горда на нив и се надевам дека ќе останат заедно и понатаму, и секако многу би сакала да продолжиме со соработка во натамошната нивна кариера – завршува Кристина.

Групата „4U“ беше вештачки создадена во текот на шоуто, со цел четирите талентирани девојки, Катарина, Вања, Лана и Теодора, да не мораат да го напуштат „Икс-фактор“ по „кампот за обука“.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top