| четврток, 6 декември 2018 |

Преку канцеларија во Илинден, ФЗО поблиску до осигурениците

fzo Илинден

Директорката на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Маја Парнарџиева, денеска ја посети Општина Илинден каде што имаше средба со градоначалникот Жика Стојановски. Парнарџиева ја посети и првата истурена канцеларија на подрачната служба во Скопје на Фондот за здравствено осигурување во општина Илинден.

Благодарејќи на услугите на канцеларијата што е сместена во зградата на Општина Илинден и е отворена секој работен ден од 8.30 до 16.30 часот, осигурениците, како и фирмите од Општина Илинден, за да ги остварат своите права и правата на своите вработени од областа на здравственото осигурување, веќе не мора да патуваат во центарот на градот, со што заштедуваат и време и пари, известуваат од Општина Илинден.

Услугите на канцеларијата може да ги користат сите граѓани независно од тоа каде живеат и каде работат.

Во Општината е воведен и Е-кат шалтер, услуга во соработка со Агенцијата за катастар на недвижности, каде што на граѓаните им се достапни сите акти што ги издава Катастарот, отворена е дисперзирана канцеларија на Агенцијата за вработување, потоа Канцеларија на Министерството за труд и социјална политика, како и канцеларија на Управата за јавни приходи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top