| четврток, 6 декември 2018 |

ДОМ: Со поинаков третман, тутунот ќе се задржи на нивите

tutun 2

Преку пилот-проект, а подоцна и долгорочна програма за поинаков третман на тутунот, би се задржало  производството на тутун како важна стратегиска гранка за македонското земјоделство и извоз, предлага ДОМ. 

– Деновиве со право се крена тревога за препораките од Рамковната конвенција за контрола на тутунот, кои бараат намалување на површините и прекин на субвенциите. За Македонија тоа е неприфатливо и во овој момент би било самоубиствено зашто над 40.000 семејства живеат од тутун, а тој е меѓу најважните извозни производи – истакна претседателката на партијата, Лилјана Поповска, на денешната прес-конференција.

Според неа, има спас за тутунот во Македонија.

– Со знаење се доаѓа до биогориво, храна и многу други полезни продукти, преку релативно едноставни технологии. Тоа е пример за зелена економија и зелени работни места, за кои ДОМ се залага, а во светот постојат многубројни фондови и поволни кредити кои ги поддржуваат – додаде Поповска.

Во светот, како што вели, постојат и централи за биогориво од тутун, но сѐ досега моќната тутунска индустрија не дозволила овие релативно едноставни постапки да прераснат во масовна индустрија.

– ДОМ го отвора прашањето за поинаков третман кон тутунот, со знаење и современи технологии, за да постигнеме многукратно поголеми добивки за производителите и државата, но и да се вклучиме во светските трендови за борба за почиста животна средина и подобар квалитет на живот – вели Поповска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top