
Дополнителното трето и последно вештачење ги потврди првите две дека пожарот избувнал во гостинската соба од искри од огништето.
Точно по една година од катастрофалниот пожар во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ – Трескавец заврши истражната постапка за стихијата и веќе од денеска случајот е во надлежност на Основното јавно обвинителство.
Во судот го чекаа дополнителното вештачење за причините за катастрофалниот пожар што истражниот судија го побара од Одделот за крим-техника при МВР.
Според Жарко Велески, портпарол на судот во Прилеп, дополнителното трето и последно вештачење ги потврди првите две дека пожарот избувнал во гостинската соба број шест од искри од огништето, односно од ќумбето во просторијата.
– Се потврдија досегашните две вештачења и со последното од МВР се утврди дека пожарот избувнал на 4 февруари 2013 година во гостинската соба број шест. Со ова вештачење се дава појаснување дека имало наталожено одредени предмети и саѓи. Има необезбеден дел што служел како долап и се создало нагло таложење од претходниот ден (вечерта на 3 февруари) и паѓање жар и искри. Бидејќи немало воздух, тлеело подолго време, се создало висока температура и по 18-20 часа откако заминале последните гости се случил пожарот – изјави Велески.
Првите искри веднаш го зафатиле дрвениот ѕид од ламперија и пожарот се пренесол и ги зафатил конаците, кои попладнето на 4 февруари лани целосно изгореа. Сега, како што објаснува Велески, на потег е Основното јавно обвинителство.
– Целосната документација е предадена во Основното обвинителство со кривичната пријава против непознат сторител за кривично дело предизвикување општа опасност. Обинителството треба да реши дали ќе ја отфрли кривичната пријава или ќе отвори обвинителен акт против н.н. лице – појасни Велески.
Од Обвинителството кратко информираат дека за четири-пет дена ќе се изјаснат за случајот.
Прилепскиот Завод и музеј изработи обемен проект за обнова на изгорените конаци за кој конечниот збор ќе го даде Националниот конзерваторски центар во Скопје. Беше вратен во музејот на доработка, а сите надежи се дека напролет може да почнат работите за обновата на конаците.
Во меѓувреме, Владата и сите во државата се вклучија во акцијата за донирање и за обнова на манастирските конаци. За рекордно брзо време е направен патот до манастирот во должина од седум и пол километри. Изградбата ја финансираше Министерството за транспорт и врски и патот беше пуштен во употреба на празникот на манастирот – Голема Богородица, на 28 август 2013 година.
Изградбата на патот многу ќе ја олесни обновата на манастирскиот комплекс.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
ОЈО по допрен глас отвори истрага: Ќе се гонат тие што пишуваат на Фејсбук за пожарот во Грција
-
Истрага во Србија за македонска надри-лекарка Слаѓана Велков и за Јелена Карлеуша
-
Случај „Јелка Масин“: Ќерката воопшто не била повикана на разговор во Обвинителството
-
Поранешен градоначалник на Центар под истрага за мостот Око


