| четврток, 6 декември 2018 |

Грција и Бугарија ќе стават вето и на Филе

stefan-file-527

Штефан Филе – Грците и Бугарите не го сакаат

Филе е директен виновник за лошиот извештај што Европската комисија неодамна го објави за напредокот на Бугарија во рамки на верификацискиот механизам за соработка.

Бугарија ќе биде втората земја по Грција што, сигурно, ќе стави вето на кандидатурата на Штефан Филе за висок претставник за надворешни работи и безбедност на ЕУ, објави бриселскиот неделник „Нова Европа”, кој се занимава со прашања поврзани со Европската унија и е во сопственост на грчки бизнисмени и новинари, пренесува „Телеграф“.

Неделникот наведува дека Филе е директен виновник за лошиот извештај што Европската комисија неодамна го објави за напредокот на Бугарија во рамки на верификацискиот механизам за соработка, кој, според „Нова Европа“, е направен за да биде урната владата на Пламен Орешарски, предводена од Социјалистичката партија и да  се даде поддршка на конзервативната партија Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) на Бојко Борисов.

– Еврокомисијата не смее да се меша во внатрешните работи на земјите-членки и сигурно некој ќе плати за ова. Прв, најверојатно, ќе биде комесарот за проширување Штефан Филе, кој е одговорен за бугарскиот извештај. Тој се надева дека по изборите за Европарламентот ќе стане шеф на Европската служба за надворешни работи. Но, дознаваме дека по Грција, Бугарија ќе биде втората земја што ќе стави вето на таков ангажман – се наведува во текстот на „Нова Европа“ посветен на последниот извештај на Комисијата за Бугарија.

Ако грчката блокада за можен реизбор на Филе за еврокомесар уште поодамна е најавена поради неговото инсистирање за напредок на Македонија во евроинтеграциите и за силниот притисок врз грчките власти да дозволат земјава да ги почне пристапните преговори, според бриселскиот неделник, тоа значи дека и Бугарија ќе биде против останување на чешкиот политичар во Европската комисија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top