Претседателот на Европскиот совет Херман ван Ромпуј денеска во Љубљана укажа на значењето на процесот на приближување на сите држави од Западен Балкан кон Европската унија, нагласувајќи оти во ЕУ не постои замор од проширувањето и оти „европската врата останува отворена“.
– Европската перспектива за Западен Балкан е апсолутно клучна за мирот во тој дел на Европа, кој во последно време страдаше поради војна. Нашата врата е отворена, замор од проширување во Европа нема – истакна Ромпуј по средбата со словенечката премиерка Аленка Братушек и претседателот Борут Пахор.
Ромпуј посочи дека европската перспектива е потребна, не само на државите од регионот, туку и за други земји, како Украина, Грузија и Молдавија.
Пахор наведе дека за развојот на ЕУ е важно да се продлабочи интеграцијата со потребната визија за надминување на кризата и таа да стане конкурентна на глобален план.
– Тоа би можело да се постигне со концептот „Соединети Европски Држави“, но без претпоставката дека таква Европа ќе биде место каде ќе се претопат различните нации – потенцира Пахор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



