| четврток, 6 декември 2018 |

Дали преку Шекеринска и елитната кирија за стан се затаени околу 30.000 евра од даноци и за придонеси годишно?!

bobo-dajners-sekerinska-2-1

Додека Радмила Шекеринска сè уште е без одговор на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ како е возможно сама да издава сопствен стан за да живее во него и да наплаќа енормно голема кирија од цели 5.317 евра месечно, во јавноста излегуваат нови информации поврзани со фирмата на нејзиниот сопруг Божидар Јанковски, која, всушност, ѝ ја плаќа киријата за станот.

Радмила и Бобо земаат по 5.317 евра месечно кирија за стан во кој живеат. Примаат пари, а услуга не даваат никому, освен самите на себе.

Дали, пишува„ Вечер“, превисоката кирија, всушност, не е платата на Бобо Дајнерс, а износот му се исплаќа за да сокријат даноци и придонеси, кои се многу повисоки доколку годишниот износ од 60.000 евра има третман на плата место приход од кирија.

Дали на овој начин, според грубата математика, Бобо и Радмила годишно прикриваат околу 30.000 евра даноци и придонеси? Интересно е да се погледне случајот на притворениот адвокат Пешликовски од аферата „Меркатор“, кој исто како Радмила и Бобо Дајнерс, се повикуваше на менаџерски договори за да сокрие даноци и придонеси.

Порталот „Денешен“, пак, дојде до информации за приходот на „Дајнерс клуб Македонија“ во периодот од 2002 до 2006 година. Симптоматично е тоа што приходите на компанијата почнуваат нагло да растат откако СДСМ ја презема власта, а Радмила Шекеринска станува прв човек на Секретаријатот за европски прашања.

Имено, приходот на „Дајнерс клуб Македонија“ во 2002 година изнесувал „скромни“ 66 милиони денари и компанијата остварила добивка од два милиона денари, покажуваат информациите до кои дојдовме, пишува „Денешен“.

Откако СДСМ ја презема власта, приходот на компанијата речиси двојно се зголемува во периодот од 2003 до 2006 година. Па, така, во 2003 година „Дајнерс клуб Македонија“ остварува приход од 105 милиони денари и добивка од цели 15 милиони денари, што е речиси седум пати повеќе од добивката остварена една година претходно.

Приходот на компанијата продолжува да расте и следната, 2004 година, кога се остварени 112 милиони денари и 10 милиони денари добивка. Во 2005 година остварениот приход изнесувал 113 милиони денари, додека добивката 9,5 милиони денари.

Во 2006 година „Дајнерс клуб Македонија“ има приход од 118 милиони денари и добивка од 3,1 милион денари.

Токму сопругата на првиот човек на „Дајнерс клуб Македонија“, Радмила Шекеринска, во овој период беше прв човек на владиниот Секретаријат за европски прашања.

ВМРО-ДПМНЕ во 2011 година, приложувајќи документи од 2004 година, обвини дека Радмила Шекеринска, тогаш како потпретседател на владата на СДСМ и одговорна за Секторот за евроинтеграции, за раководител на Секторот за општи работи и буџет ја има поставено Лира Секуловска, сестра на првиот човек на „Дајнерс клуб Македонија“, односно нејзина золва.
-Золвата на Шекеринска е одговорна за целото финансиско работење на Секретаријатот за европски прашања во периодот додека Радмила Шекеринска е министерка на СДСМ задолжена за овој ресор. Тука се работи и за сомнеж за финансиски малверзации – обвинија тогаш од ВМРО-ДПМНЕ.

Симптоматично е тоа што приходот и особено добивката на „Дајнерс клуб Македонија“ почнува да расте во периодот кога Шекеринска е одговорна во СЕП, додека сестрата на Божидар Јанковски е одговорна за целото финансиско работење на ова тело.

Исто така, се шпекулира и дека зголемениот приход на компанијата во овој период се должи на евентуалниот притисок вработените во СЕП да ги користат услугите на „Дајнерс клуб Македонија“, а не е исклучено дека тоа не било практика и во другите државни институции – пишува Денешен.

Сегашната финансиска ситуација на „Дајнерс клуб Македонија“ не е сјајна. Тоа го потврдуваат информациите дека фирмата затвора експозитури во Скопје. И додека компанијата се соочува со проблеми, Јанковски и Шекеринска ја цедат по пет илјади евра месечно за кирија за станот во кој самите живеат, случај за кој потпретседателката на СДСМ сè уште нема логичен одговор.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top