| четврток, 6 декември 2018 |

Рангелова: Жерновски престанете да се жалите и да плачете, градете нешто

drangelovaaa

Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ вчера, на седница на Советот на Општина Центар гласаше за усвојување на Програма за работа во областа на располагање со градежно земјиште во сопственост на Република Македонија на подрачјето на Општина Центар, Скопје за 2014 година. Со нашиот глас, на нашите 12 советници, дадовме поддршка на можноста Општина Центар да располага со градежното земјиште на својата територија.

Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Центар, како и многу пати до сега, покажа дека примарен интерес за нас се граѓаните на Општината и нивниот интерес.

ВМРО-ДПМНЕ и до сега даваше поддршка на многу одлуки во Советот на Општина Центар. Буџетот на општина за оваа година, сите останати програми, како и оваа Програма за работа во областа на располагањето со градежно земјиште во сопственост на Република Македонија на подрачјето на нашата општина, се одлуки кои се донесоа со сесрдна поддршка од советниците на ВМРО-ДПМНЕ.

Почитувани, со овој наш гест покажавме дека ниту сме имале намера, ниту, пак, имаме намера да го отежнуваме работењето на општината. Напротив, помагаме во континуитет.

Сега на потег е градоначалникот Андреј Жерновски. Тој ни досега, но ни од сега повеќе нема основа да се жали и да плаче дека некој му го попречува работењето. Ние му ги поддржуваме сите значајни одлуки кои тој ги предлага. Од него очекуваме работа, проекти и резултати за граѓаните на Општина Центар.

Господине Жерновски, дојде време навистина да престанете со вашите обиди да креирате постојани и континуирани конфликти. Дојде време да престанете да се занимавате со висока и со надворешна политика. Дојде време во кое Вие мора да почнете, па макар и после една година од кога сте избран, со реализација на вашата програма. Престанете да монтирате проблеми за да си ја покриете својата неработливост и неспособност.

Каде е гасификацијата на училиштето Димитар Миладинов, за која тврдевте дека ќе биде готова до почетокот на грејната сезона? А не е.

До каде е изградбата на градинката која што ја ветувавте? Абер нема.

Каде е новото училиште за кое мака измачивме да ве убедиме дека има потреба да се гради? Го нема.

Госоподине Жерновски, со општинска администрација од околу 140 луѓе Општина Центар е една од општините со најголем број на вработени. Буџетот на Општина Центар, исто така, е еден од најголемите во државата. Нашата општина е една од најбогатите.

Прекинете да се жалите и да плачете. Почнете да работите. Градете нешто господине Жерновски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top