| четврток, 6 декември 2018 |

Геопортал за водење и за размена на просторни податоци

катастар

Унифицирани податоци од 17 државни институции корисни во секојдневниот живот и работа за граѓаните и за бизнисот треба да понуди геопорталот на националната инфраструктура за просторни податоци, што за една година треба да го воспостави Агенцијата за катастар на недвижности.

Според денеска презентираниот закон за национална инфраструктура на податоци, новиот систем ќе овозможи побрз одговор на итни ситуации и природни непогоди, итните и противпожарните служби и полицијата би имале подобар преглед на настаните и локациите. Достапноста на географските информации се очекува да овозможи подобро донесување одлуки.

– Сите просторни податоци од сите државни институции ќе се соберат во еден национален геопортал кој ќе ги собира просторните податоци, ќе управува со него, ќе прави разни анализи, а податоците ќе бидат графички достапни до граѓаните – рече вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, на заедничка прес-конференција со директорот на Катастарот, Славче Трпески.

Примената на проектот, според почетните проекции, ќе чини 2 милиони евра, составен дел од Буџетот на РМ и вклучените институции.

– Поважно е тоа што со вредноста на податоците и квалитетот што ќе ги добиваат граѓаните, компаниите и потенцијалните инвеститори Македонија ќе го надмине овој износ повеќекратно – нагласи Пешевски.

Според начелната динамика, во рок од три години и останатите државни институции треба постепено да ги дигитализираат податоците со кои располагаат и во унифициран формат да се пренесуваат во геопорталот во Катастарот.

Информациите, појасни Трпески, ќе се дефинираат и чуваат на ист начин, со што пристапот до нив треба да биде поедноставен. – Институциите мора да ги стандардизираат податоците со ИСО стандарди.-Целта е првин внатре во РМ да говориме на ист јазик, а понатаму да се вклучиме во системите на ЕУ- наведе Трпески.

Покрај геопорталот ќе се изработи и апликација за паметни телефони.

– Токму тоа е и целта, порталот да биде поблизок до секоја граѓанин, државните органи или приватниот сектор. Сите податоци што и денес се слободни и понатаму ќе бидат слободни, како за граѓаните, така и за приватниот сектор, а за тие за коишто се плаќа и сега ќе има можност за електронско плаќање без доаѓање во институциите – појасни директорот на Катастарот.

Очекувањата на Владата се преку воведувањето на системот покрај граѓаните и инвеститорите, голема придобивки да има и за државните институции бидејќи треба да се овозможи развој на голем број нови владини услуги, базирани на веб-решенија, наменети за граѓаните, особено преку системот е-влада.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top