Сите невработени лица и лица со ниски примања од понеделник треба да се пререгистрираат во подрачните единици на Фондот за здравствено осигурување за да може да ги користат здравствените услуги.
Се очекува до крајниот рок – 31 март, да се пререгистрираат 243.000 осигуреници. Станува збор за лица кои минатата година добиле здравствено осигурување на товар на Буџетот на Република Македонија за себе и за своето семејство врз основа на своите пониски примања и за лица кои првпат здравствено ќе се осигуруваат по оваа основа.
Како што информира директорот на ФЗОМ, Џемали Мехази, лицата од овие категории треба да достават барање и изјава за остварени примања во текот на 2013 година. Барањата може да ги поднесат во подрачните единици на ФЗОМ и во истурените шалтери сместени во поликлиниките во Ѓорче Петров, Драчево, Чаир, Ченто и во Шуто Оризари.
За тетовскиот регион, како втор по големина по скопскиот, Мехази информираше дека подрачната единица ќе има продолжено работно време до 18 часот.
– Апелирам до сите осигуреници навремено да се осигураат за да се избегнат турканиците и за да не се случи да изгубат некои од правата од здравствено осигурување. Доколку осигуреникот задоцни и еден ден при пререгистрацијата и се направи прекин во здравственото осигурување, тогаш одредени права за кое е потребен шестмесечен континуитет во здравствено осигурување, како за ортопедско помагало, нема да може да ги оствари правата на здравствени услуги – рече Мехази.
Тој посочи дека во инситутицијата се преземени сите мерки за да може ефикасно да се спроведе регистрацијата и пререгистрацијата на овие лица.
Пререгистрацијата, како што истакна, ќе продолжи и по 31 март 2014 година, но во тој случај лицата ќе имаат прекин во здравственото осигурување, односно од 1 април 2014 година до моментот на нивната регистрација или пререгистрација во Фондот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.