Моторичките способности кај децата во Македонија се одлично развиени, но им недостигаат социјални вештини. Одлично шутират топка, послаби се за математика и за јазици, а истражувањата покажале дека најмалку се снаоѓаат во социјалните вештини. Имаат пониско ниво на самодоверба, помалку се мотивирани да направат нешто сами, а тоа е резултат на тоа што кај нас учењето почнува со формалното образование и поради тоа што не се почитува детето како личност.
– Како држава, генерално, имаме проблем со учењето математика и совладување јазици, а нашите деца подоцна потешко се снаоѓаат кога станува збор за социјалните вештини. Затоа е потребно уште од рано да се совладаат техниките за учење. Подготовката за формалното образование мора да почне порано, од најрана возраст – вели Нора Шабани, одговорна за образование при канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје.
Во Македонија, благодарение на УНИЏЕФ постојат 20 центри за ран детски развој, кои се сместени во 18 општини. Центрите се формирани со поддршка на УНИЦЕФ, а потоа нив ги презедоа општините. Тие претставуваат алтернатива на градинките во локални заедници каде нема детски градинки, а тоа се пред се селските и маргинализираните средини. Разликата помеѓу градинките и Центрите за ран детски развој е во тоа што Центрите не обезбедуваат услуги за целодневна грижа за детето, туку тие само учествуваат во организирана програма за рано учење, вообичаено по два часа во денот. Месечно, посетатата на овие Центри чини 400 денари.
Со помош на средствата донирани од Фондацијата „Т-мобајл“ за Македонија ќе се отворат пет центри за ран детски развој во Јаргулица (Радовиш), Селце (Тетово), Десово (Долнени), Злеово (Радовиш) и Долно Лисиче (Аеродром). Сите центри ќе се отворат во партнерство со општините кои обезбедуваат физички простор за центарот. Со сите пари што ќе се соберат преку оваа иницијатива ќе раководи УНИЦЕФ за да ги покрие трошоците за мали поправки и адаптација на просторот, за снабдување на центарот со мебел, играчки, едукативен материјал и дидактички материјал, како и за изготвување материјал за родителите и обука на едукаторите во спроведувањето на најсовремените методи од областа на раниот детски развој.
До октомври 2013 година овие центри ги посетиле две илјади деца во Македонија и нивниот број постојано расте.
Раното детство е најважно за развојот на човекот. Затоа и кампањата е „Првите пет се најважни на свет“. Во првите пет години се развиваат говорот, јазикот самодовербата, сочувстивителноста, се развиваат когнитивните способности.
– Сите деца кои ги посетувале овие Центри подоцна во животот покажале подобри резултати на повеќе полиња, велат искуствата. Добро е што во Македонија почнува да се создава свест децата да се испраќаат во вакви установи. Имаме одлични резултати. Треба да се фокусираме на стимулација и рано учење – вели Шабани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.