Утре ќе почне санацијата на опожарените седум објекти во скопската населба Циглана, сопственост на Агенцијата за станбен и деловен простор, што изгореа ноќта меѓу 7 и 8 декември 2013 година, соопшти заменик министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими, одговорајќи на пратеничко прашање.
Реконструкцијата на изгорените ромски куќи, пак, вкупно 17, ќе почне по завршувањето на тендерот што го објави Општина Бутел. Тендерот ќе трае до 10 февруари.
Според Ибрахими, семејствата ќе добијат многу подобри услови од оние што претходно ги имале. Особено ќе се води сметка за енергетската ефикасност на објектите.
– Ќе се реконструира површина согласно претходно постоечката што беше опожарена. За оваа намена, Владата, откако ја согледа состојбата, издвои 14,6 милиони денари, Градот Скопје обезбеди 2,4 милиони денари, а општина Бутел 1,4 милиони – рече заменик-министерот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.