| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Владините реклами се во корист на граѓаните и на фирмите

gruevski sobranie

Премиерот Никола Груевски одговарајќи на пратеничко прашање од опозицијата во врска со исплатата на 450.000 евра на телевизија „Сител“ за рекламирање, рече дека рекламите што Владата ги емитува преку јавните медиуми имаат цел да ги известат граѓаните и фирмите прецизно, навремено и на едноставен начин за сите реформи кои се интензивни и многубројни и не секогаш стигнуваат до нив, а медиумите тие емитувања си ги наплаќаат.

Груевски одговори дека не само кон тој медиум, туку кон речиси сите медиуми се исплатени услуги што ги дале во однос на емитување информативни кампањи кои, според него, даваат резултати зашто со нив искористеноста на проектите е поголема од граѓаните и фирмите.

– Владата води такви политики на објавување информативни кампањи во различни периоди за различни проекти, за различни закони или подзаконски акти, за граѓаните и компаниите да бидат информирани за новите можности и сите работи што се прават во нивна корист – истакна премиерот.

Тој додаде дека заради тие информативни кампањи Владата создава одредени обврски кон медиумите и тие за тоа наплаќаат.

– Се работи за исплати поврзани со емитувањето на информативните кампањи кои ги нарачала Владата во транспарентна постапка, со кои во најголем дел од случаите е постигнат ефектот. Сѐ друго е манипулација, набивање тези кои не се точни и обид на испревртување на вистината – истакна Груевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top