Распослано во китното зеленило на Дешат, во атарот на националниот парк „Маврово“, селото Битуше, заедно со соседните Ростуше, Велебрдо и Требиште, претставува една посебна оаза со свои специфични белези и карактеристики. Покрај несекојдневната убавина, бујната природа и свежите и бистри извори, ова парче македонска земја е најпознато по уникатното прославување на големиот христијански празник Богојавление – Водици. Таму прославата трае три дена, од 18 до 20 јануари, со почитување на сите обичаи.
Во време кога занаетите изумираат, а младите го бараат својот спас по градовите, Битуше во текот на годината останува празно, но тридневното празнување во јануари секоја година ги враќа сите негови жители дома. Од година во година, пак, сѐ поголем број гости сакаат да присуствуваат на овој единствен настан.
Тоа по што Битуше најмногу се разликува од другиот христијански свет се Женски Водици. Додека во поголемиот дел на земјата дури пред некоја година им беше дозволено на жените да бидат дел од ритуалите поврзани со Водици и да се фрлаат по крстот, во ова дебарско село жените и младите девојки се тие што го прават празникот посебен.
Водици во Битуше
Порано во Битуше имало само еден крст, но бидејќи се случувало некој цел живот да не ја доживее честа да биде кум и во неговата куќа да влезе крстот, било решено крстот да го имаат две куќи што го земаат и две куќи што го испраќаат според строго утврден ред и обичај.
Првите адети околу прославата почнуваат уште на Св. Атанасиј, на 31 јануари, кога новите кумови во селската црква „Св. архангел Михаил“ свечено даваат збор дека тие ќе бидат носители на новото селско кумство, а за подготовка за големиот празник имаат на располагање цела година.
Во тој период, секој од новите кумови се труди да собере што поголем број жени и девојки, кои ќе бидат кумстарки, па се прават списоци на жените што по роднинска и по пријателска основа би требало да се дел од нивното оро и со месеци однапред ги канат и таксаат.
Сепак, вистинските подготовки почнуваат вечерта спроти Василица, поточно на православната Нова година. Веднаш по полноќ, кога според верувањето нечистите и зли сили сѐ уште не се разбудени и раздвижени, млада невеста или девојка на која ѝ се живи и двајцата родители, облечена во свечена невестинска или девојчинска облека, во две стомни полни пресна вода на една од селските чешми: Бигришќа, Ѓуревече, Тримовска чешма или Млакиче. На враќање крши три дренови гранчиња, ги става во стомните за вода за да ги дреноса, а со тоа куќите на новите кумови, старите кумови и на целото село да бидат здрави и цврсти како дрен.
Откако донесената вода ќе се загрее, таа ги замесува првите пет леба. Потоа жените на новите кумови, поточно месариите, ги замесуваат другите лебови со кои ќе се пречекаат гостите на денот на празникот. Порано се меселе и печеле и по повеќе од сто погачи, да има доволно за целото село. Иако во поново време се нарачуваат готови, зачуван е адетот првите пет леба да се замесат на Василица.
На 17 јануари, пак, почнуваат подготовките за испраќањето на крстот од домовите на старите кумови. Тоа секогаш се прави по зајдисонце, кога гостите доаѓаат кај двајцата кумови на свечена вечера. Додека се вечера, жените на кумовите се облечени во носија, во спротивните ќошиња од одајата сукаат врвца со бел и со црвен конец. Со исуканата врвца се врзува босилек на крстот, а тој на бела крпа се поставува на чело на масата. Ова е и еден од најемотивните моменти од празнувањето. Многумина разделувајќи се од крстот што го чувале во својот дом преку целата година не можат да ги задржат солзите.
Сепак, откако сите ќе го даруваат и ќе се поздрават со крстот, заедно со него и со парите од дарувањето во торба, старите кумови се качуваат до Бигорскиот манастир. Тука преку целата вечер и во текот на ноќта крстовите, кои се ставаат во големиот манастирски котел полн со вода, се опеваат од страна на свештено лице. Другиот ден, рано наутро кумовите заедно со крстовите и со осветената вода, ајазмо, тргнуваат назад во селото. Ги посетуваат старите кумови, па новите, па потоа по ред секоја куќа во селото. Таму ги пречекуваат со посна софра, а тие, пак, ја прскаат секоја одаја во куќите со светата вода и ги бркаат нечистите сили од таму.
Вечерта, кога старите кумови со крстовите ја поминале секоја куќа, тие се оставаат да преноќат во селската црква „Св. архангел Михаил“. Во куќите на новите кумови, пак , таа вечер одат гости по костени, а носат кошници за кревање на кумството. Токму тогаш и се распоредуваат кошниците и се утврдува точниот ред на секоја кумстарка во колоната.
Јованово оро
На Водици целото село се буди рано. Кумстарките ги облекуваат своите свечени носии и се главни на овој ден. Тие се тие што одат по крстот и со своите песни ги опејуваат мажите во фамилијата. Откако целото село ќе се собере на литургија во црквата, сите тргнуваат накај реката. На чело на колоната, која минува по строго одредена патека низ селските сокаци, се црковните бајраци и реликвии, а по нив свештеното лице што го носи бакарното котле со крстот, босилекот и светената вода , а по него целото село.
Крстот се фрла во селската река , а по него скокаат неколку млади момчиња од селото. Тоа момче што ќе успее да го фати го бакнува крстот, а потоа го носи да го бакнат и сите други. Тоа добива подароци, но најголем дар е тоа што се верува дека тој ќе ја има господовата молитва секогаш со него и со што и да се зафати успешно ќе го заврши.
По завршување на овој чин, светиот крст се носи во селската црква, а младите невести и девојки одат во куќите на кумовите и се подготвуваат за „кревање кумство“. Секоја си зема своја табла во која има леб и застанува во редот така како што се наредени кошниците на масите. Интересно е да се спомене дека на овој ден ретко ќе најдете девојка што не е облечена во носија, па дури и тие што дошле како гости во селото. По крстот прво тргнуваат кумстарките од едната куќа, а по нив од другиот крст. Колоната од по една жена ја предводи домаќинката, со таблата на глава, а по неа се редат и другите кумстарки, исто така, со кошниците на глава, построени според возраста и сродството.
Напред одат секогаш мажени жени, а по ист редослед се редат и девојките на крајот на колоната. Тие одат по одредената патека, од домот до црквата, каде што кумстарките пеат песни за свети Јован. Потоа го формираат Јовановото оро и низ игра пеат. Тие вртат онолку круга оро околу црквата колку што имаат машки глави во куќата. Откако ќе го изиграат Јовановото оро, кумстарките одат во селскиот Културен дом каде што лебовите се сечат и се разделуваат и се служи и мезе и ракија.
Домаќинките од двете куќи на новите кумови, пак, на тазе кумовите, во придружба на блиски роднини, одат во црквата за да го земат крстот. Откако попот ќе им го даде крстот во бела шамија, тие со крстот на чело одат накај дома. Кога крстот ќе биде донесен дома се поставува пред иконата каде што ќе стои преку целата година. Домаќините со свечен ручек ги гостат кумстарките, а откако ќе јадат жените, на софрата ќе седнат и мажите.
Битушката носија нераскинлив дел од обредот
Носиите во минатото биле огледало на стројноста и на убавината, а денес се симбол на традицијата. Женската носија, невестинска, девојчинска, детска или за повозрасните жени, плени со својот раскош, а секоја битушанка има своја, која грижливо ја чува. Некои се стари и повеќе од еден век и се предаваат како драгоцено семејно богатство од колено на колено. Носијата е неколкуслојна и се одликува со богати шари извезени со срма, филигрански сребрени петлици, сребрени пари, колани, гајтани. Тежи околу 25 килограми и, според вредноста, е една од најскапите во Македонија. На прв поглед, слична е со галичката, односно мијачката, но, сепак, се разликува по неколку детали, кои ѝ даваат автентичен белег.
За разлика од женската носија, која е културно наследство што не умира и ја има во секој битушки дом, најмалку по еден примерок, машката носија, за жал, од поодамна не само што ретко се среќава, туку во Битуше едвај може да се најде примерок.
Тоа што при прославата на Водици не се гледа, но што, сепак, е дел од обредите, е борбата на двајцата кумови за поголем број кумстарки, чие оро од кумстарки ќе биде поголемо, односно кое семејство ќе успее да собере поголем број жени.
Со тоа завршува овој ретко убав, оригинален и неповторлив обред.
(Пишува: Марина Костовска | Фото: Ѓорѓи Личовски
Текст објавен во 73. број на неделникот „Република“, 24.01.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.