Експресно со само 29 настапи за Атланта хоукс, 8 од нив клучни, во јануари како стартер, Перо Антиќ се избори за учество на Рајзинг старс челенџот (Rising Stars Challenge). Натпревар што ќе се игра на 14 февруари во Њу Орлеанс, како дел од спектакуларниот собир на сите ѕвезди (All star) во НБА-лигата. Подвиг кој ретко и тешко се остварува, особено ако сте 31-годишен дебитант во најсилната кошаркарска лига на планетата.
Но, Перо е борец и како тенк ги прегази сите сомневања дали ќе се снајде во НБА- лигата. Напротив, дури и направи нешто што никој ниту на сон не го споменуваше како можност, пред да ја почне авантурата во НБА, да настапи на Олстар. Сега останува само да има малку среќа и навреме да ја санира повредата на скочниот зглоб на десната нога и да го видиме во Њу Орлеанс под командата на легендите во НБА, Шекил О`Нил или Чарлс Баркли.
Трпеливо наметнувајќи се кај тренерот Мајк Буденхолцер и кај соиграчите, „шестката“ на Хоукс експресно брзо се вклопи во новиот систем на тимот и заслужено ја доби довербата да се појави на Рајзинг старс челенџот (Rising Stars Challenge). Помошник- тренерите во НБА одлучуваа за двата тима и за составот на дебитантите и за тој на „сомфорите“, или кошаркари што се втора сезона во Лигата.
Во прилог на Перо е најсилниот аргумент – статистиката и бројките, кои велат дека е четврторангиран дебитант во јануари, најдобар скокач од сите кошаркари (за месецов) што ја играат првата сезона во НБА и играч со најмногу обиди за тројка. Плус на тоа е и тројката на една нога против Шарлот во „циркуски“ стил, потоа и „кул“ изгледот, добрите игри на Хоукс и покрај огромните проблеми со повредите и уште многу работи што Антиќ ги прави одлично во силната и напорна лига.
На 6 февруари во живо, на „ТНТ“ ќе се објават и составите на двата тима од по 9 кошаркари, кои ќе играат меѓусебе во Њу Орлеанс. Оттука натаму веќе нема класична поделба на „руки“ против „сомфори“, туку тимовите ќе се измешаат, а кој каде ќе игра, одлучуваат и симпатизерите по пат на гласање, до 6 февруари.
Еве ја листата на кошаркари што ќе настапат во Њу Орлеанс, со напомена дека на Рајзинг старс челенџот се игра по поинакви правила од тие во НБА, односно има две полувремиња од по 20 минути.
Дебитанти: АНТИЌ (Атланта хоукс), Пламли (Бруклин нетс), Антетокунпо (Милвоки бакс), Бурк (Јута џез), Картер-Вилијамс (Филаделфија сиксерс), Хардавеј Јуниор (Њујорк никс), Оладипо (Орландо меџик), Олиник (Бостон селтикс), Адамс (Оклахома).
Сомфори: Барнс (Голден стејт вориорс), Бил (Вашингтон визардс), Дејвис (Њу Орлеанс пеликанс), Драмонд (Детроит пистонс), Џонс (Хјустон рокитс), Лилард (Портланд трејлблејзерс), Салинџер (Бостон селтикс), Валанчиунас (Торонто репторс), Вејтерс (Кливленд кавалирс).
Тренери на тимовите: Шек и Чак, или Шекил О`Нил против Чарлс Баркли.
Пишува: Зоран Поповски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.