Најновата книга на Стефан Влахов Мицов насловена „Дражава како се гради и брани“ беше промовирана во „Матица ексклузив“ во присуство на видни интелектуалци, историчари и писател. Според Влахов Мицов, книгата е уште еден негов обид да се даде концепт на македонската историја, една философија на македонската историја со осврт на клучни прашања, а кои неговите колеги ги избегнуваат.
– За жал ние немаме единствен концепт за македонската историја, немаме философија на македонската историја и истовремено немаме таков концепт ниту за иднината на македонската држава, модерен концепт на историјата со кој ќе се одбраниме во 21 век. Ние немаме од што да се срамите ниту да бегаме од македонската историја. Напротив, македонската историја таква каква што е ни дава можност да се одбраниме, да ја покажеме не само посебноста на македонскиот идентитет, јазик, име, култура, историја и традиции, туку да ја видиме и таа предност на македонската историја пред останатите балкански земји – рече Мицов.
Според него, не треба да се оди по туѓи модели туку потребен ни е сопствен модел на историјата или единстен модел на македонското општество, во спротивно, „ќе си бидеме поделени, ќе се прашуваме дали сме антички дали сме словенски, ќе спориме за Скопје 2014, и ќе потклекнуваме на протисокот од надвор и од внатре“. Мицов додава дека денес сме изложени на огромен притисок од надвор, кој доаѓа од страна на Бугарија и на Грција, но и од другите големи земји како Франција и САД, а за да се одбраниме потребен е поголем внатрешен отпор, односно јасно дефинирање на националниот интерес.
– За мене национален интерес е територијалната целовитост на државата и нејзините граници, одбрана на македонското име, идентитет, јазик, историја, култура и традиции, мала невработеност и просечни плати кои ќе му дадат можност на македонскиот државјанин да живее со достоинство. За да го оствариме потребна е алтернатива на идејата за ЕУ, затоа што гледаме дека таа не функционира бидејќи не можеме таму со нашиот идентитет и јазик. Алтернативите пак се јасни – потесна соработка со Турција, со Русија и со Кина на политички економски и воен план. Друго прашање е како ќе ги реализираме, но времето не работи за нас особено по самитот во Букурешт – дециден е Влахов Мицов.
Рецензентот, амбасадорот Ристо Никовски истакна дека станува збор за исклучително дело во кое Влахов Мицов дава преглед со многу детали за прашања со кои денес живееме, почнувајќи од идентитетот, до нашиот однос кон историјата, државништвото, суетите, партизациите… Како посебно интересен Никовски го издвојува периодот на ВМРО, затоа што авторот долго време има живеено во Бугарија и има корени во настани кои, вели денес ги гледаме еднострано, а кои завлегуваат и во македонско-бугарската соработка.
– Тоа е најсуптилниот дел од нашата историја, има многу заеднички историски настани кои никогаш нема да ги поделиме бидејќи се неразговетни во суштината и до крајот. Тоа значи дека и ние и бугарската страна мораме да бидеме објективни и тоа на некој начин да го премостиме и да градиме една нова соработка која ќе биде на ниво на 21 век, а не да бидеме жртви на оние историски синдроми кои за жал денес доминираат – рече Никовски.
Куриозитет во делото е, нагласува, и податокот дека во 1971 година поранешна СФРЈ со Бугарија имаат потпишано договори на македонски јазик, и ако тогаш јазикот не бил спорен, оценува тој, не може да биде оспоруван ниту денес.
Книгата „Држава – како се гради и брани“ е во издание на „Матица македонска“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.