Во Македонија цените на основните продукти и услуги се најниски на Балканот, а во Грција највисоки, покажува анализата што ја објавува денеска бугарскиот дневен весник „Труд“.
На второ место по „евтинија“ е Романија, а потоа се Турција, Бугарија и Србија.
Анализата на „Труд“ е направена според податоците за цените на основните продукти и услуги објавени на сајтот www.numbeo.com, каде што има информации за цените во целиот свет. На веб-странцата може да се најадат и податоци за цените на храната, облеката, обувките и услугите. И по овие параметри Грција е најскапата земја во регионот.
Македонија, според овие податоци, има најниски цени на услуги во ресторани, храна, пијалоци и цигари, облеката е најевтина во Турција, додека маслото за јадење, маслинките и прашокот за перење во Грција.
„Труд“ посочува дека според направените анализи најдобро за бугарските граѓани е да купуваат храна и пијалаци во Македонија.
– Еден килограм пилешки гради таму чини 3,65 евра, а кај нас 4,46 евра. Шише вино со средна цена е за 0,83 евра поевтино отколку во Бугарија. Предјадење, главно јадење и десерт за двајца во ресторан во Македонија чини 15 евра, додека во Бугарија за тоа треба да се плати 20,34 евра – посочува весникот.
Жителите од регионот на Ќустендил, во Македонија ги купуваат основните прехранбени производи бидејќи се поевтини, а се сметаат и за поквалитетни и поприродни. Овчото, кравјото и комбинираното сирење чини околу 8 лева за килограм, кашкавалот од 10 до 12 лева, што е за 2 до 3 лева поевтино отколку во Бугарија.
– Хит е македонското брашно од типот – 400, кое е побело и поквалитетно отколку во Бугарија и полесно се меси, а цената му е само 1,5 лева за килограм. Маслото за јадење е околу 3 лева за еден литар, но е поквалитетно од нашето… Редовно од Македонија се купува и домашна ракија, која чини од 4 до 4,5 лева за еден литар, додека бугарската е и до 10 лева за еден литар. Пушачите од Македонија купуваат и цигари. Таму „карелија“ чини 3,05 лева, а во Ќустендил цената и е 4,70 лева. Се купуваат и лекови, кои се поевтини отколку во бугарските аптеки – наваедува „Труд“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.