| четврток, 6 декември 2018 |

Вино, ракија и сиренце – голема фешта за Св. Трифун во Демир Капија

По четврти пат општина Демир Капија, во соработка со Центарот за едукација и вмрежување во туризмот, ќе го прослави празникот на лозарите Св. Трифун, а со закројувањето на првата винова лоза ќе започне уште една плодна и бериќетна година. Организаторите и оваа година подготвија низа настани со кои ќе биде одбележана „Неделата на традицијата“.

– Организиаме натпревари во кроење лоза, најдобри домашно производени вина и ракии и подготовка на најдобрите традиционални специјалитети, со што се прават напори во зачувување на традицијата од овие простори, која е особено важна за развој на туризмот, а тоа е наша примарна цел – изјави Виолета Јанкова, директорка на туристичкиот едукативен тренинг-центар.

58425_356272401181468_665179291_n

На Денот на чествувањето, 14 фебруари, планирана е целодневна програма на полоштадот во Демир Капија. Со фолклорни игри и танци ќе се претстават неколку културно-уметнички друштва од повеќе градови, а присутните ќе уживаат во македонската песна преку настапите на групата „Нели ти реков” и на Блага Петревска, информираше Јанкова.

Вкусни традиционални јадења, мед, вино, ракија, сирење, слатко, домашни специјалитети, занаетчиски производи и други традиционални производи карактеристични за тиквешкиот регион ќе можат да се дегустираат или купат во близина на плоштадот во рамките на базарот.

Сѐ уште е актуелно пријавувањето за учество на истиот, заинтересираните може да се пријават најдоцна 05.02.2014 во просториите на Центарот за едукација и вмрежување во туризмот, на телефоните: 043 366 880, 043 366 881 или во просториите на општината „Демир Капија“.

26568_100232326682532_4068486_n

Дел од програмата е и свеченото закројување на винова лоза на бината од страна на почесниот гостин, градоначалникот и свештеното лице, како и доделување на наградите за најдобрите во претходно организираните натпревари во повеќе категории. Посетителите освен прославата на плоштадот ќе може да ги посетат и изложбите: Карикатури за вино и љубов во галеријата во „Дом на култура“ во Демир Капија и „Стари фотографии“ во Музејот во Демир Капија.

DSC_0611

Со цел привлекување на поголем број туристи, програмата е дистрибуирана до неколку туристички агенции, па се очекува масовна посетеност на оваа традиционална атракција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top