| четврток, 6 декември 2018 |

Растот на индустриското производство внесува оптимизам во економијата

 

MAKSTIL-3

Порастот на индустриското производство од 3,2 проценти за минатата година е позитивен сигнал како за бизнисот така и за севкупната економија. Најголем позитивен сигнал испраќа порастот на индустријата од 9,5 проценти во месец декември 2013 година, споредено со истиот месец 2012 година, што според експертите дава надеж дека минатогодишниот БДП може да се движи во распон од 3 до 3,5 отсто.

„Растот на индустриското производство е позитивен сигнал за бизнисот за економијата во земјата, особено кога ќе се земе предвид дека тоа конечно излезе од негативата и стагнацијата кои ги имавме во претходните години. Треба да имаме одредена претпазливост во понатамошните активности, меѓутоа охрабрувачки е фактот дека веќе има најавени зголемени нарачки од страна на нашите први трговски партнери, односно од земјите на ЕУ, како резултат на скромното, но сепак позитивно раздвижување и позитивни економски трендови во еврозоната“, смета Митко Алексов, извршниот директор на Сојузот на стопански комори.

Бизнисмените очекуваат раст и поголема поддршка на банкарскиот сектор за стопанството и индустријата, како и продолжување на позитивните економски политики кои ги води Владата.

„Тука пред се мислиме на кредитната линија од Европската инвестициона банка која е многу поволна токму за малите и средни претпријатија, а на овој позитивен тренд влијание ќе има и зголемената лична потрошувачка во Македонија, како резултат на одредени мерки, меѓу другото и мерките за зголемување на пензиите, потоа зголемување на минималните плати, зголемување на платите на вработените во јавната администрација, кои ќе се јават како потрошувачка сила на домашниот пазар“, додава извршниот директор на Сојузот на стопански комори.

И експертите се задоволни од статистиката која за нив значи добар сигнал за тоа во кој правец ќе се движи македонската економија во претстојниот период.

За професорот Томе Неновски ова е еден голем чекор со кој Македонија се оддалечува од економската криза и кој не поттикнува на оптимизам дека растот ќе биде забележан и оваа година.

„Зголемениот индустриски раст претставува завршница на релативно успешната година на економски план за Република Македонија. Тоа е потврда на оној континуиран пораст кој беше забележан на економијата во текот на претходната година и во исто време сигнал дека полека Република Македонија ја напушта таа кризна зона во која што беше навлезен поголем дел од светот. Многу е важно да се напомене дека порастот на индустриското производство се должи во најголема мера на порастот на преработувачката индустрија, сектор кој и во иднина веројатно ќе ни помогне за остварување на позначајни економски резултати во претстојниот период. Податокот е би рекол дури и изненадувачки голем, преку 43 проценти на годишно ниво. Многу важно за економијата е што порастот е резултат на зголемувањето на производството на одредени групи на индустриски производи со висока додадена вредност  во однос на останатите производи“, објаснува Неноски.

Според него овие позитивни сигнали влеваат оптимизам дека и Бруто домашниот производ ќе биде повисок.

„Сето ова заедно може да не доведе до една збирна констатација дека сме оствариле пораст на БДП од 3-3,2 проценти. Тоа е сигнал и за претстојниот период, но и сигнал за стопанствениците, сигнал за банкарите, дека Македонија се движи по една стабилна патека на економски растеж и дека со помош на банкарите и банкарските кредити, со поголем ентузијазам на стопанствениците, во претстојниот период, веќе ќе можеме да зборуваме дека Македонија и оваа година ќе забележи позитивен пораст на економијата меѓу 3-3,5 процент“, додава Неноски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top