| четврток, 6 декември 2018 |

Осум македонски компании од текстилната индустрија ќе се презентираат пред европските фирми

tekstilni-rabotnici

Во Копенхаген денеска осум наши компании од текстилната индустрија ќе имаат средба со фирми од Северна Европа на која ќе ги презентираат своите производи и услуги.

На средбата, европските увозници ќе имаат можност да се запознаат и воспостават деловни партнерства со македонските текстилни компании: „Албатрос“, „Еуросолид“, „Виеми“, „Алекс“, „Верамонд“, „Алзама“, „Линеа“ и „АСМ“. Нивни претставници утре ќе го посетат Меѓународниот саем за мода во Копенхаген.

Средбите се во организација на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија (Invest in Macedonia) заедно со Проектот на УСАИД за унапредување на инвестирањето и извозот (IDEAS), Швајцарската програма за промоција (SIPPO) и Текстилно трговско здружение на Македонија.

– Целта на деловните средби е презентација на македонските фирми пред европскиот пазар, воспоставување директни контакти и преговори со потенцијални купувачи, обезбедување корисни информации во однос на пазарните трендови, конкурентноста, технологијата и цените. Средбата ќе овозможи и подобро позиционирање на македонските фирми на меѓународните пазари – соопштуваат од Проектот на УСАИД за унапредување на инвестирањето и извозот (IDEAS).

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top