| четврток, 6 декември 2018 |

Ниту 42 поени на Ентони не му помогнаа на Њујорк да победи

Кармело Ентони имаше извонредна индивидуална претстава во дресот на Њујорк никс и постигна дури 42 поени, што сепак не му помогнаа на тимот да го победи тимскиот дух на Лос Анџелес клиперс.

Популарниот Мело беше сопрен во последната четвртина кога го чуваше „стариот лисец“ Грент Хил. Ветеранот (40 години) одигра извонредна одбрана и му дозволи на првиот стрелец на Њујорк да даде само 4 поени во завршниот квартал од мечот.

Крис Пол со 27 поени и Џамал Крафорд со 20 беа најефикасни во победничката екипа која го доби натпреварот со 102-88.

Во дербито, Мајами го порази Лос Анџелес лејкерс со 107-97, а клупски рекорд на „жешките“ од Мајами со петти меч во низа со 30+ поени забележа Леброн Џејмс. Тој даде 32 против гостите од Лос Анџелес и стана само третиот кошаркар во историјата на НБА, кој во серија на 5 средби давал 30 или повеќе поени со над 60 проценти реализација. Пред него тоа го сторија Адријан Дентли во 1979 година и Мозес Мелоун три сезони подоцна.

Одличен беше и Двејн Вејд со 30 поени, а двете големи звезди на Мајами го надиграа Коби Брајант од Лејкерс, кој забележа 28 поени.

Победа конечно забележа и Орландо против Портланд со 110-104. Магичните ја прекинаа најлошата серија во НБА од 12 порази. Извонреден беше црногорскиот центар Никола Вучевиќ со 17 поени и 19 скока.

Неверојатна драма со три продолженија се случи на дуелот меѓу Бостон и Денвер . Гостите се спасија од пораз во регуларниот дел со неверојатниот кош на Тај Лоусон со звукот на сирената, но победа славеше Бостон со 118-114, дури по дополнителни 15 минути. Бостон сега ја има најдолгата победничка серија од 7 успеси во НБА, а прекината е низата на Денвер од 9 победи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top