| четврток, 6 декември 2018 |

Енергетската ефикасност на градбите отсега ќе се испитува во лабораторија

gruevski1

 

Топлотната и звучна изолација на градежните материјали отсега ќе може да се испитува во лабораторија на Градежниот факултет во Скопје, која вчера беше промовирана од премиерот Никола Груевски и од инистерот за образование Спиро Ристовски. Во опремувањето на оваа лабораторија Владата вложи 300.000 евра.

Постапката за акредитација на лабораторијата е започната и треба да заврши до крајот на годината.

Според премиерот Никола Груевски, се работи за единствена лабораторија во регионот, а факултетот ќе може да ја користи и за комерцијални цели, со што средствата вложени во неа брзо ќе се повратат.

– Освен за целите на студентите и научните истражувања, оваа лабораторија ќе биде користена и за комерцијални цели и ќе носи приходи на самиот факултет и универзитет, а истовремено ќе му овозможи и на приватниот сектор да врши различни акредитации на нивните производи и да врши проверка на нивните производи. Независно дали станува збор за некој производител или за некоја градежна фирма којашто купува градежни изолациони материјали и сака да ги вгради во својот објект којшто го гради и притоа сака да провери колку е топлопроводноста и звучната проводност на изолациониот материјал – истакна премиерот.

Слична лабораторија, но релативно застарена и со помалку перформанси, има само во соседна Бугарија, велат од Факултетот.

Лабораторијата е опремена со апарат за мерење топлотна спроводливост на градежни материјали, кои се користат како термоизолациски, како и со апарати за теренско мерење со кои на веќе изградени објекти ќе може да се провери коефицинетот на топлотна спроводливост на фасадните ѕидови, пропишан во Правилникот за енергетски карактеристики на зградите. Со инструментот за мерење на звучната изолација на објектите, пак, ќе може да се пресмета изолациската моќ на преградни ѕидови меѓу станови или во склоп на еден стан.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top