Грчкиот министер за одбрана, Димитрис Аврамопулос, вчера не дозволил да се интонира македонската химна при посетата на неговиот колега од Македонија, Талат Џафери, јави дописникот на МИА од Атина.
Грчките медиуми денеска коментираат дека Аврамопулос ја „исекол“ македонската химна, која, според Грците, е „провокативна, затоа што во неа дури шест пати се спомнува терминот Македонија“.
– При пречекот на гостинот, министерот за одбрана Талат Џафери, кој е прв министер за одбрана на соседната земја што ја посетил Грција, не се свиреа химните на двете земји. На овој начин беше надмината пречката за провокативната химна на Македонија, која го вклучува терминот ’Македонија’ шест пати!“ – пишуваат грчките информативни портали.
Медиумите потсетуваат дека е вообичаено при приемот да се интонираат химните на домаќинот и гостинот, но вчера тоа не било случај и во согласност со правилата за протокол, пред Министерството за одбрана само се веело македонското знаме, веднаш до знамето на Грција.
Порталот „Иефимерида“ (е-весник) пишува дека Аврамопулос го поздравил министерот Џафери на скалите на Министерството и со „страшен дипломатски маневар од церемонијата за пречек ја исекол провокативната национална химна“ на Македонија.
Во врска со средбата на двајцата министри, медиумите подвлекуваат дека прашањето за името било една од централните теми, при што Аврамопулос ги повторил познатите ставови на Грција и рекол дека постигнување заемно прифатливо решение ќе помогне да се реши хроничниот проблем меѓу двете земји и ќе придонесе за целосна нормализација на билатералните односи и зајакнување на стабилноста во регионот што е во интерес и на Македонија и на Европа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



