| четврток, 6 декември 2018 |

Пратениците ги изгласаа измените и дополнувањата на Законот за филмската дејност

sobranie sala-oktomvri-2013-1

Пратениците денеска во рамки на шестото продолжение на 82. седница го донесоа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за филмската дејност по скратена постапка.

Согласно Законот за филмската дејност, Агенцијата за филм на Република Македонија, покрај со средства од Буџетот на РМ, се финансира и од други извори односно од надоместоци на телевизиски програмски сервиси на национално, регионално и локално ниво, кабелски оператори кои вршат реемитување на телевизиски програми, субјектите кои обезбедуваат интернет услуги,  правни лица кои вршат дејност киноприкажување на филмови, правни лица кои вршат дејност дистрибуција,  изнајмување или продажба на филмови и  правни лица кои вршат дејност приредување на игри на среќа и  забавни игри.

Со измената на член 12 од Законот, надоместокот кој операторите на јавни електронски комуникациски мрежи кои реемитуваат програмски сервиси на телевизиските радиодифузери (кабелски оператори) го плаќаат на Агенцијата по основ на вршење дејност реемитување на телевизиски програми од 2,5 отсто се намалува на 1 отсто, висината на надоместокот на правните лица кои обезбедуваат пристап до интернет од 2,5 отсто се намалува на 1 отсто, а надоместокот кој правните лица го плаќаат на Агенцијата за филм по основ на дистрибуција, изнајмување и продажба на филмови од 3 отсто се намалува на 2 отсто.

Според пратеничката Билјана Казанџиска од СДСМ, никој од оние кои се наведени и кои треба да одвојуваат од буџетот нема да се согласат да издвојат средства од приходите за финансирање на Агенцијата за филм.

– Законот нема да создаде услови за одржлив развој на филмската индустрија во Македонија ниту пак ќе гарантира автономност на трошењето на буџетските пари, а уште помалку ќе создаде слобода на филмските автори да создаваат квалитетни филмови – посочи Казанџиска и праша зошто Законот е во скратена постапка.

Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска истакна дека Законот за филмската дејност не е нов и оти станува збор за измена на два члена.

– Собранието го донесе Законот во мај 2013 година и стапи во сила на 1 јануари. Филмската дејност е многу значајна индустрија во Македонија и за промоција на државата. Законот е усогласен со сите европски практики во уредувањето на клучните прашања за начинот, условите, постапката во финансирањето и вршењето на филмската дејност во Македонија – додаде Канческа Милевска.

Расправата по овие измени ќе продолжи  по редовната пауза.

Пратениците денеска ќе расправаат и за предлог-законите за дополнување на Законот за земање и пресадување на делови на човечкото тело заради лекување, за изменување и дополнување на законите за лековите и медицинские помагала, за здравствената заштита, за вработување и работа на странци, за вработување и осигурување во случај на невработеност, за социјалната заштита, за агенциите за привремени вработувања, за јавните патишта, сите во прво читање.

На дневен ред се и измените на Законот за поштенските услуги, за измените и дополнувањата на Законот за градење, за измените на Законот за заштита на сведоци, поднесен од пратениците Павле Трајанов и Лилјана Поповска, трите во прво читање, како и по информацијата за висината, структурата, транспарентноста и намената на јавниот долг на Република Македонија, поднесена од пратениците од опозицијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top