| четврток, 6 декември 2018 |

Музејот на автобуси во Ѓорче Петров ќе се отвори за две недели

Старите автобуси може да ги види секој заинтересиран бидејќи се изложени во автобазата, само претходно мора да се најави на телефонот 2041-581. Влезот е бесплатен.

muzej na avtobusi

Музејот на автобуси ги покажува историјата и развојот на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ и се наоѓа во автобазата во Ѓорче Петров. Содржи поставка од седум автобуси од марките „лејланд“, „санос“, „раба“, „МАН“, „икарус“ кои превезувале патници во различни периоди, почнувајќи од 1969 година.

Автобусите се изложени на отворен простор, оградени со специфична ограда, на површина од 650 квадратни метри. Музејот, официјално, се очекува да биде отворен за две недели.

Старите автобуси може да ги види секој заинтересиран бидејќи се изложени во автобазата, само претходно мора да се најави на телефонот 2041-581. Влезот е бесплатен.

– Минатата година ЈСП „Скопје“ прослави 65 години од своето основање и благодарение на Владата на Република Македонија и Град Скопје се заокружи проектот за обнова на возниот парк. Оттаму се наметна идејата за отворање Музеј на автобуси – информираа од ЈСП „Скопје“.

Стариот англиски „лејланд“ е од 1969 година. Има поминато 1.050.000 километри и бил во сообраќај до 18 јануари 2012 година.

Има три автобуси од марката „санос“ – првиот е единечен, другиот е двоен, како и туристички автобус со 39 седишта. Овие два „саноси“, кои се произведени во 1982 година, имаат поминато најмногу километри. Двојниот поминал 1.450.000, а километражата на единечниот застанала на 1.950.000 километри.

Во базата има два автобуса од марката „икарус“, произведени во 1987 и во 1991 година. Двата поминале повеќе од милион километри пред да се пензионираат во 2012 година.

Се планира да се постави уште еден автобус од марката „МАН“ од 1997 година, кој сѐ уште се вози и има поминато, исто така, милион километри. Ќе се постави и еден од старите минибуси.

Во секој од автобусите има поставено табла со податоци за техничките карактеристики на возилото, датум на производство и поминати километри.

Претходно, сите автобуси биле репарирани. „Лејландот“ комплетно бил репариран во 2007 година за 60-годишнината на ЈСП „Скопје“. Другите автобуси имаат обновена каросерија и нови гуми. Нивната состојба секојдневно се следи. Одвреме-навреме се чистат и се мијат од надвор и од внатре, во зависност од временската состојба. Поинаква заштита нема.

Во иднина,  можеби по 10 години, во Музејот ќе се најдат и сега новите украински автобуси „лаз“, како и двокатните кинески возила „јутонг“.

– За овој Музеј не беа потребни дополнителни парични средства бидејќи станува збор за постојни автобуси и делови од нив, информираат од ЈСП „Скопје“.

Од ЈСП „Скопје“ очекуваат посетители  од сите категории, особено деца од предучилишна возраст и од основните училиште.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top