| четврток, 6 декември 2018 |

Надал е голем ас: Не е време да говориме за мојата повреда, ова е значаен ден за Вавринка

Рафаел Надал покажа дека е голем спортист, еден од најголемите во историјата на тенисот и спортот воопшто, а со изјавите по загубеното финале на Австралија опен ги собра симпатиите и од тие што не навиваа за него. Најпрво одби да го предаде мечот, иако беше видливо дека едвај се движи поради болките во грбот, а потоа не сакаше да „се вади“ со никакво алиби и истакна дека Станислас Вавринка апсолутно заслужено го освои првиот гранслем трофеј.

„Не е време да се говори за моите проблеми, сега е вистински момент да му се оддаде признание на Станислас. Играше извонредно добро во текот на овие две недели во Мелбурн и ја заслужи титулата. Мразам да се откажувам и да ги предавам мечевите, особено не во финале на гранслем. За такво нешто воопшто не размислував“, изјави Надал по поразот од 1-3 во сетови.

Тој остана скромен и во болниот пораз и не го кажа тоа што сите го видоа. Јасно беше дека не сака да му го расипе историскиот момент на противникот, кој за првпат стана гранслем шампион, со што „шпанската фурија“ потврди дека е вистински џентлмен и голем спортист.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top