ГРОМ денеска ќе го основа Форумот на млади на партијата. Според лидерот на партијата, Стевчо Јакимовски, за ГРОМ, формирањето на Форумот на младите, скратено ФОМ – ГРОМ, е исклучително важен момент.
– Од околу 20.000 членови, колку што досега брои ГРОМ, околу 5.000 се млади луѓе. Утре тие ќе го формираат својот Форум, со што ќе се комплетира структурата на нашата партија. Младите ќе ги изберат своите раководни органи и со тоа ќе станат релевантен фактор во предизборниот процес што наскоро нè очекува, а за кој тие ќе бидат погонската сила – рече вчера Јакимовски.
Деталите за Основачкото собрание на ФОМ – ГРОМ, на претставниците на медиумите им ги пренесе Бојан Велевски, член на Иницијативниот одбор на ГРОМ.
– Од евидентираните 5.327 младинци до 27 години, членови на Граѓанска опција за Македонија, Иницијативниот одбор, во консултација со претседателите на Општинските одбори, покани 1.500 младинци-делегати од цела Македонија. Пред Основачкото собрание на Форумот на младите на ГРОМ, доколку временските услови дозволат, сите 1.500 младинци ќе го реализираат својот „Марш на храброста“, под мотото „Љубов + единство = иднина“. Маршот ќе се одвива по булеварот Партизански одреди, со почеток во 16.15 часот кај хотелот „Карпош“, а со завршеток кај „Универзална сала“ – рече Велевски.
Тој истакна и дека по завршувањето на Основачкото собрание, младината на ГРОМ ќе се забавува најпрво на концертот на „Ди марбл“, а потоа и во дискотека.
Велески, исто така, рече и дека во ГРОМ младите сили ќе бидат оние што за политички важните прашања ќе дискутираат рамо до рамо со останатите во партијата, како и дека подмладокот на ГРОМ ќе биде единствениот во Македонија што нема да залепи ниту еден плакат во предизборна кампања.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


