| четврток, 6 декември 2018 |

Македонците од Мала Преспа: Да не попречуваат етничките Македонци на граничниот премин Горица

pustec

Да не попречуваат етничките Македонци при преминувањето на граничниот премин Горица – побара денеска генералниот секретар на партијата на Македонците во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција, Васил Стерјовски, во Корча, на средбата со директорката на царината за Округот на Корча, Ерјона Рафти. Стерјовски побара средба токму поради сé позачестените поплаки на Македонците од Мала Преспа кои наидуваат на пречки на граничниот премин Горица. Во повеќето случаи надлежните на овој граничен премин не им дозволуваат на Македонците да пренесуваат производи за дома, а коишто не се предмет на трговија и се дозволени со закон.

Васил Стерјовски побара од директорката на царината во Корча, Ерјона Рафти да преземе мерки и во иднина да не се попречуваат Македонците од Мала Преспа кои пазаруваат во Македонија и минуваат на овој граничен премин, бидејќи според законот дозволено е секој за домашна потреба да носи стока во вредност до 215 евра.

Директорката Рафти од своја страна истакна дека никој од вработените во царината не сме да ги попречува граѓаните коишто според закон носат стока во вредност до 215 евра за домашна потреба и која не е наменета за трговија.

Притоа директорката Ерјона Рафти побара од Васил Стерјовски да им пренесе на Македонците во Мала Преспа, кога ќе пазаруваат во Македонија да земаат фискални сметки за купената стока, и истата фискална сметка да ја покажат на царина за да може да се потврди вредноста на стоката и според законот едно лице можи да пренеси стока во вредност до 215 евра и тоа само еднаш дневно.

Исто така, Рафти и Стерјовски договорија, доколку припадник на македонската етничка заедница во Албанија од областа Преспа, кој пренесува стока за домашна потреба во рамките предвидени со закон, биде попречуван од страна на вработените на граничниот премин Горица, да биде известена директорката Рафти која ќе преземе мерки кон вработените коишто ја злоупотребуваат службената положба и овластувањата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top