| четврток, 6 декември 2018 |

Македонските иселеници во Хрватска задоволни од односот на државата кон нив

hrvatska

Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски во рамки на официјалната посета на Република Хрватска оствари неколку средби со македонските здруженија и друштва кои опстојуваат во Република Хрватска.
Како што соопшти денеска Кабинетот на Вељаноски, претставниците на македонската заедница во Република Хрватска го запознале него и членовите на собраниската делегација со својата организираност во здруженија и друштва, со нивната работа, активностите и проектите кои ги реализираат. Според пописот во 2011 година, во Република Хрватска живеат околу 4.500 Македонци, има 22. културни друштва и здруженија кои добиваат поддршка во финансиска смисла од државата на централно и локално ниво.

– Претседателот на Заедницата на Македонците во Република Хрватска истакна дека заедницата е формирана во 1991 година и 22 години делува како етничка и национална заедница, како непрофитно и аполитичко здруженије. Нејзина основна дејност се состои во чувањето на националниот идентитет и ентитет, негување на јазикот, фолклорот, пишаниот збор, културните и природните богатства на Република Македонија, историските факти и вистината, како и одржување на тесни контакти со матичната држава и соработка со нејзините институции. Во состав на Заедницата делуваат 6 македонски културни друштва, во Загреб, Осиек, Риека, Сплит, Задар и Пула. Програмските активности на Заедницата се финансирани со средства од државниот Буџет на Република Хрватска, преку Советот за национални малцинства при Владата на Република Хрватска, со средства од министертвата на Хрватска и Македонија, како и со средства на ниво на градови и жипании, но и со помош на индивидуални спонзорски донации, се вели во денешното соопштение.

Претставниците на македонската заедница истакнале дека реализацијата на програмите се презентира преку Хрватската радио телевизија, преку мултинационална програма за националните малцинства, преку радио емисии за националните малцинства, дневен печат и други медиуми.

Македонците во Хрватска ги запознале пратениците дека се задоволни од односот кој кон нив го има Република Хрватска, дека со измените на Уставот во 2010 година и Македонците заедно со уште 21 национално малцинство се споменати во Преамбулата. Тие воедно го потенцирале задоволството од нивото на соработка и однос кој меѓу себе го имаат изградено сите припадници на нашата заедница и искажаа задоволство заради можноста дополнителна настава на македонски јазик да се одржува во Осиек, Загреб, Риека, Пула, Задар и Сплит. Тие потенцирале дека на Република Хрватска како припадници на македонската заедница и возвраќаат соодветно со лојалност, совесност и одговорност.

Претседателот Вељаноски и пратениците биле запознаени дека Владата на Република Хрватска го подржува дејствувањето на македонското национално малцинство во црковните општини, дека е обезбеден простор за изградба на македонска православна црква, која ќе биде прва на овие простори. Сите неопходни подготовки за отпочнување на реализација на проектот, односно изградбата се направени, се очекува кон крајот на годинава да се почне со градба на црквата и неколку мултифункционални придружни простории.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top