| четврток, 6 декември 2018 |

Европа постави нов услов пред Србија: Вистината за убиството на Ѓинѓиќ!

Политичките мотиви за убиството на поранешниот премиер на Србија Зоран Ѓинѓиќ се услов кој Европскиот парламент побара да биде исполнет за членство на Србија во ЕУ.ж, објави „Охрид прес“. Четворица пратеници преку писмо до Европската комисија побараа да се решат злосторствата извршени од страна на режимот на Слободан Милошевиќ и тоа да биде ставено како услов за членството на Србија во ЕУ. Според нив, тоа се наметнува поради фактот дека „сторителите на атентатот на Зоран Ѓинѓиќ се зад решетки, но поттикнувачите и организаторите останаа на слобода“.

Ова се наметнува и поради информациите дека поранешниот шеф на српските тајни служби од времето на Милошевиќ би можел да излезе на слобода, ако соработува со судот. Ова се нови предуслови за загриженост, што може да доведе до запирање или забавување на реформите на сегашната влада, стои во писмото потпишано од известувачот на ЕП за Србија, либералниот пратеник Јелко Кацин, Арно Данжан од ЕПП, Марија Елена Копа од групата на социјалистите и Марија Корнелисен од партијата на Зелените.

Писмото е испратено до шефот на Директоратот за проширување на Европската комисија Кристијан Даниелсон.

Според европратениците, воспоставување на правото е од „огромно значење за целиот регион, кој продолжува да ги трпи последиците од војните од 90-тите години на минатиот век и се наоѓа во тешка економска и финансиска криза“. Тие сметаат дека во преговарачките поглавја – 23 и 24, треба да има и оценка за „злосторствата извршени од режимот на Слободан Милошевиќ и неговите тајни служби“.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top