| четврток, 6 декември 2018 |

Очите во Давос вперени кон Кина

Davos_RTR2WS16_storyРизик од драматичен пад на кинеската економија, како и закана од кинеско-јапонски воен судир, беа причина за нови стравувања на Светскиот економски форум во Давос. По објавувањето дека втората по големина економија во светот лани регистрирала најлоша стапка на раст во последните 13 години, водечките политичари и економисти во Давос порачаа дека краткорочните прогнози се песимистички.

-Оваа и наредната година ќе има проблеми да се одржи стапката на раст од 7 до 7,5 отсто, која е минимална за отворање 7,5 милиони работни места кои и’ се неопходни на Кина“, изјави водечкиот кинески економист и поранешен заменик на кинеската централна банка, Ли Даокуј.

Според американскиот економист Нуриел Рубини, се’ уште има ризик од драматичен пад на кинеската економија. Тој укажа на загриженоста поради растечката нееднаквост во Кина, како и на големите предизвици со кои се соочени кинеските раководители во време кога настојуваат да спроведат сериозни економски реформи.

Инаку, на последниот ден на Самитот, најголемите светски трговски сили најавија дека наскоро ќе се постигне глобална спогодба за либерализација на трговијата во секторот на еколошки производи. Во заедничкото соопштение на САД, ЕУ, Кина, Јапонија и неколку други развиени земји, се вели дека спогодбата ќе стапи во сила кога повеќето членки на СТО ќе ја поддржат, со што ќе се заобиколи правилото на СТО за едногласност при донесување на трговските спогодби.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top