| четврток, 6 декември 2018 |

Димков: Во источниот регион преку инвестиции влегоа 61 милион евра

Јас како пратеник од изборна единица 3, кому довербата му е дадена токму од граѓаните на изборната единица 3 и сум нивен избраник во Собранието, со гордост морам да истакнам и да ги поздравам новите капитални инвестиции во источниот регион кои ќе отворат многу нови работни места, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Трајче Димков.

– Пред само неколку дена беше отворена првата фабрика во економската зона во Штип, инаку втора фабрика на „Џонсон контролс“ во Република Македонија. Инвестицијата е вредна 20 милиони евра, во неа веќе работат 900 луѓе од Штип, Пробиштип, Кочани, Велес, Свети Николе и од другите околни градови, а се очекува да се вработат уште 500 или вкупно 1400 луѓе – истакна Димков и додаде дека пред само неколку дена, исто така, беше официјализирана и браунфилд инвестицијата „Амфенол“ во Кочани, вредна околу 6 милиони евра, фабрика која изработува интерконекциски делови за автомобили и во наредните 5 години ќе вработи 1500 луѓе, а веќе за почеток ангажираше 70 лица.

Во Велес, пак, фабрика ќе гради германската компанија „Маркарт“ (Marquardt GmbH), познат набавувач во автомобилската индустрија со инвестиција од 35 милиони евра. Оваа фабрика ќе произведува  делови за врвните германски марки како „мерцедес“, „ауди“ и „БМВ“ и ќе вработува 500 лица.

– Во нашиот регион, благодарение на политиката на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, само преку овие три фабрики влегоа инвестиции во висина од околу 61 милион евра. Сите овие инвестиции ќе значат освежување во стопанскиот живот во источниот регион, инвестиции кои веќе вработија над 1000 луѓе, а во наредните неколку години ќе вработат над 3500 луѓе – рече Димков.

Тој напомена дека ВМРО-ДПМНЕ и во иднина ќе продолжи да работи напорно и со несмален интензитет, да ја враќа сѐ повеќе и повеќе надежта и просперитетот на источниот регион, кој беше уништен во времето на транзицијата. Денес повеќе не зборуваме за затворени фабрики, стечаи и технолошки вишок. Денес благодарение на политиката на ВМРО-ДПМНЕ говориме за нови фабрики, милиони евра инвестиции и илјадници нови вработувања.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top