
Од социолошки агол на гледање, околу 70 проценти од православните христијански верници имаат карактеристики на традиционален тип верник. Тоа се верници што ниту ја прочитале Библијата ниту, пак, имаат каква било религиска наобразба, па со самото тоа воопшто не ги познаваат суштината и значењето на големите религиски празници. Поради тоа, на Богојавление не го прославуваат крштевањето господово, туку се фрлаат во вода за да добијат материјална корист во вид на подароци од најразлични донатори. Вака Зоран Матевски, професор по социологија на религија, ги коментира случувањата на овогодишниот верски празник Водици кога се скокаше по наградите, а не по крстот. Професорот, кој е еден од водечките експерти кои се занимаваат со оваа проблематика во светски рамки, истакнува дека МПЦ-ОА има негативни примери на духовни водачи кои го преферираат материјалното во однос на духовното. Ја споменува иритираноста на верниците кога, и покрај заветот на сиромаштво, ќе видат монаси што се служат со скапи мобилни телефони и се возат со луксузни џипови. Црквата, советува тој, мора да посвети многу поголемо внимание на ова прашање бидејќи монаштвото е јадрото на духовната чистота на Црквата и со право верниците најмногу ги бараат своите духовни водачи во монашките редови.
Последен пример на елементарно непочитување на вредностите на кои учи православната вера видовме на празникот Водици, и тоа на повеќе локации во земјава. Сите тие инциденти вистинските верници ги доживеаја како навреда и обесчестување на големиот празник, на кој се славеше крштевањето господово. За жал, таквите појави сѐ почесто ни се случуваат од година во година. Која е причината и чија е вината?
Матевски: Искуствата покажуваат дека секогаш кога одредени религиски празници се поврзуваат со македонски традиционални обичаи, постои опасност да се наруши суштината на христијанскиот празник. Тоа не е случај само со славењето на Богојавление, туку и со големите христијански празници, како што се Бадник, Божик, Успение на Пресвета Богородица, па дури и Велигден. Суштината лежи во тоа што околу 70 проценти од православните христијански верници, од социолошки агол на гледање, имаат карактеристики на традиционален тип верник. Тоа се верници што ниту ја прочитале Библијата ниту, пак, имаат каква било религиска наобразба, па со самото тоа воопшто не ги познаваат суштината и значењето на големите религиски празници. Поради тоа, на Богојавление не го прославуваат крштевањето господово, туку се фрлаат во вода за да добијат материјална корист во вид на подароци од најразлични донатори. Не познавајќи ја суштината на предвестието на Христовото раѓање, на Бадник се палат огнови околу кои се пие и се јаде прекумерно за време на божикниот пост. Децата пеат бадникарски песни кои не само што немаат никаква врска со Христовото раѓање, туку и го обесчестуваат најавувањето на Христовото раѓање. И како круна на сѐ, за време на празникот Успение на Пресвета Богородица се колат јагниња во дворовите на религиските објекти, со што се урива и темелното начело во христијанството.
(целото интервју прочитајте го во 73. број на неделникот „Република“ кој е во продажба од денеска, 24 јануари)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


