| четврток, 6 декември 2018 |

Зоолошката градина во Скопје не работи откако почина жирафата

zoloska-1

Зоолошката градина во Скопје е затворена и не се знае до кога нема да работи. Почина жирафата Орка, миленик на посетителите.

Екипата на „Република“ утрово беше во Зоолошката градина, таму наидовме на затворени врати. Од службата за обезбедување на Зоолошката градина ни соопштија дека вработените се на состанок и дотогаш Зоолошката градина нема да биде отворена за посетителите.

– Вработените имаат состанок. Не знаеме до кога нема да работиме. Ни кажаа само дека влезот за посетители е затворен – изјавија од службата, кои не сакаа да прецизираат за што е состанокот.

Од Зоолошка засега не сакаат да зборуваат за причините за смртта на жирафата. Како што дознаваме, за седум до десет дена ќе бидат готови сите испитувања што се потребни да се направат и тогаш ќе се знае причината за смртта.

Орка беше стара околу 3,5 години, а во скопската Зоолошка градина пристигна во септември 2012 година.

Жирафата Орка, која сите ја обожаваа, пристигна во Скопје во септември 2012 година кога беше одбележан нејзиниот втор роденден. Таа беше донација од групацијата „Орка холдинг“ и Фондација „Илија Камчев“.

Жирафите во дивина живеат околу 25 години. Во контролирани услови, во зоолошките градини може да доживеат длабока старост и до 35 години.

А.М.Б.

фото: Ѓорѓи Личовски

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top