| четврток, 6 декември 2018 |

Општина Струмица го демантира „Нетпрес“ – продажбата за 1 евро e поништена!

Општина Струмица ги демантира обвинувањата во текстот со наслов „СКАНДАЛ: Заев продал државно земјиште за едно евро по квадрат на бизнис ортак кој го препродал за 6 пати поголема цена“ објавени на порталот Нетпрес и посочува дека порталот бесрамно и дрско ја лаже македонската јавност.

Општината бара од порталот Нетпрес, како и останатите медиуми што евентуално ќе го преземат текстот, да го објават нејзиниот демант во интегрална форма и да го повлечат спорниот текст.

-Објавата за оттуѓување на споменатото земјиште, што манипулативно ја споменува порталот „Нетпрес“ е поништена од Општина Струмица со Решение број 33-3506/2 издадено на 21-ви март 2013 година.  Потоа, на 9 август 2013 година, а врз основа на ова Решение и согласно законот, Општина Струмица има склучено и Спогодба за раскинување на Договорот за оттуѓување на градежното земјиште број 03-8748/1. Оваа Спогодба за раскинување на договорот е заверена на нотар на 18  ноември 2013, односно потврдена со солемизација бр.1542/13. Конечно, од увидот во Катастар лесно може да се потврди дека споменатите катастарски парцели во манипулативниот и тенденциозен текст на порталот Нетпрес: 6609/1, со површина од 58388 м2 и 6608/16 со површина од 7.482 м2, како и парцелите со број 6611/2, се во сопственост на Република Македонија – пишува во реакцијата на Општина Струмица.

Според Општината, ова е потврда дека Нетпрес лаже и манипулира и дополнително потврдува дека Општина Струмица е пример како се работи законски, одговорно, транспарентно и во интерес на граѓаните.

Согласно член 13 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, Општината очекува демантот и извинувањето да биде објавено на исто место и во ист обем како и спорниот текст, најдоцна во рок од 48 часа. Во спротивно, нанесената штета за угледот и честа ќе биде предмет на судска постапка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top