Дипломатијата на Црна Гора се обидува да го искористи постепеното зголемување на интересот во САД за проширување на НАТО, и да издејствува покана на самитот кој е планиран да се одржи во Британија во септември. Црногорските медиуми најавуваат дека премиерот Мило Ѓукановиќ договара средба со американскиот потпреседател Џо Бајден за време на неговиот престој во Вашингтон за Молитвениот појадок на почетокот на февурари. Се очекува средбата да биде искористена за промовирање на кандидатурата за членство во НАТО.
– Средба со Бајден може да ја засили кандидатурата на Црна Гора. Дефинитивно би бил потребен многу силен напор. Во текот на изминатата година идејата за нова рунда проширување на НАТО на самитот во Британија во септември изгледаше сосем неверојатно. Но, во изминативе неколку месеци како да гледаме одредена промена кај дел од американските власти, кои стануваат поотворени за оваа можност. Никој сѐ уште не вели дека може да одиме напред со оваа идеја, но состојбата станува поветувачка од порано. Со едно голема оградување дека поддршката доаѓа само од еден дел од американската влада и дека сѐ уште многу членки на НАТО се противат на проширувањето – го пренесува МИА Хорхе Бенитез, еден од водечките експерти за НАТО на Атланскиот совет на САД.
На последниот самит на НАТО во Чикаго проширувањето не беше на агендата, делумно поради силното противење на Грција да се разговара за проширување за Македонија. Но, на крајот на самитот, државниот секретар на САД, Хилари Клинтон, најави дека следниот самит ќе биде самит на проширување. Ова ветување на Клинтон, но уште повеќе руската политика кон Украина и другите земји од источна Европа, според Бенитез, е главна причина за повторното кревање на интересот во САД за проширувањето на НАТО, со домаќинот на самитот Британија како веројатен поддржувач на оваа идеја доколку САД застанат зад неа.
– Мислам дека оваа промена во голема мера е реакција на преиспитувањето на состојбите во Источна Европа, по агресивното, па дури и интервенционистичко однесување на режимот на Путин, со неговите дипломатски и економски притисоци и до големите воени вежби кои ги врши. Се гледа дека соседството не е толку стабилно и мирно колку што ние би сакале да биде и во Вашингтон има интерес да се биде малку повеќе проактивен во регионот, а не само да се реагира. Од сојузничките земји, Германија не беше многу отворена за проширување, а сега има нова коалициска влада која дополнително ги заматува работите бидејќи имаше многу шпекулации дека новиот министер за надворешни работи Штајнмаер не би сакал да врши какви било провокации кон Русија во регионот, и многу полага на тоа што Русите мислат за проширувањето на НАТО. Но, ово исто време однесувањето на Путин негативно влијаеше лично врз Меркел – вели Бенитез.
Проширување може и без да се формира група за членство. Од кандидатите за членство во НАТО Македонија се смета за подготвена за прием уште од 2008 година, со тоа мора да добие согласност од Грција, додека за Црна Гора се смета дека е блиску до исполнувањето на потребните критериуми. Извори упатени во американската политика кон Балканот велат дека доколку Грција продолжи да ја блокира Македонија, Црна Гора би можела да биде индивидуален кандидат за членство во НАТО, без да се чека да влезе во група со Македонија. НАТО и порано примал индивидуални членки, како Шпанија и Западна Германија.
Сепак, според овие извори, пред Црна Гора сѐ уште стои уште работа за да може да добие покана за членство, и самитот во Британија ќе дојде прерано за да се добие ваква покана. Хорхе Бенитез додава дека, доколку целта на самитот е да се упати порака кон Русија, тоа не мора да биде преку прием на нови членки, туку и само преку отворање на процесот МАП за некоја држава која е заинтересирана да го направи првиот чекор за членство, како што е Грузија.
За можноста Грција повторно да го блокира проширувањето, Бенитез вели дека Црна Гора е исклучително мала земја, што порано се земаше како аргумент против нејзиниот прием во НАТО, но во исто време може да биде и нејзина предност. Ова би значело дека државите членки кои се противат на проширувањето на НАТО, би можеле да се убедат да дозволат проширување со толку мал кандидат.
Една од расправите кои се очекуваат на самитот на НАТО во Њупорт во Британија се очекува да биде и барањето на Кипар за членство во организацијата Партнерство за мир. Ова би ја свртело наопаку расправата во Европската унија, каде Кипар ги блокира барањата на Турција за продолжување на преговорите за членство. Во НАТО, Турција ќе има право на вето врз вклучувањето на Кипар во Партнерството за мир. Бенитез смета дека е интересна идеја да се побара компромис со кој двете земји заемно да се деблокираат и Турција да дозволи прием на Кипар во Партнерството за мир, додека Кипар би дозволил да продолжат турските преговори за ЕУ.
– Сепак, со домашните и регионалните проблеми со кои се соочува Турција, можеби атмосферата не е многу добра за напредок во овие седум – осум месеци кои ги имаме на располагање – го пренесува МИА Хорхе Бенитез, еден од водечките експерти за НАТО на Атланскиот совет на САД.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.