| четврток, 6 декември 2018 |

Грција: Поради опасност од терористички напад се зголемени безбедносните мерки

Грчките власти презедоа силни безбедносни мерки, слични на тие за олимписките игри во Атина во 2004 година, поради опасност од можен терористички напад, објавија денеска медиумите во Грција.

Под засилено обезбедување се, буквално, сите објекти, хотели и секаков вид институции поврзани со грчкото претседавање со ЕУ, пишува весникот „Катимерини“.
Околу дворецот Запион во Атина и околу хотелите, во кои престојуваат високи европски претставници има силно вооружени полициски патроли . Ангажирани се и тајни полицајци.
Весникот „Та неа“ наведува дека се засилени и безбедносните мерки на вкупно 320 објекти во областа Атика. Властите веќе поделиле фотографии на лица, за кои постои сомнеж дека можат да извршат терористички напад. Меѓу нив се наоѓа и бараниот терорист Христодулос Ксирос.
Американски и британски безбедносни служби, исто така, се вклучени во операцијата на грчките антитерористички единици за апсење на Ксирос.
Весниците пишуваат и дека се преземени зајакнати мерки за безбедност по повод средбата на министрите за внатрешни работи на ЕУ, која денеска почнува во главниот град на Грција.
Грчката Влада вчера објави награда од четири милиони евра за пронаоѓање и апсење на терористи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top