
Македонскиот репрезентативец одигра уште еден одличен натпревар за Атланта хоукс давајќи значаен придонес во победата над Орландо од 112-109. Иако „јастребите“ водеа речиси во текот на целиот дел од натпреварот, во последната четвртина „магичните“ направија пресврт, а резултатот беше тесен сѐ до последните моменти од натпреварот. На триесет секунди пред крајот Орландо имаше предност од 109-108 и напад, но тука на сцена стапи Антиќ, кој ги постигна последните четири поени за пресврти и за победа на Атланта.
Прво имаше успешен скок под својот обрач, по што беше направен фаул врз него. Антиќ ги реализираше двете слободни фрлања за 110-109. Во следниот напад Магичните повторно не погодија, и повторно беше направен фаул над Антиќ, кој ги погоди и тие две слободни фрлања за 112-109 на 11 секудни пред крајот. Орландо во последниот напад не успеа да погоди за три поени, што значеше 22. победа сезонава.
Антиќ овој пат немаше нов рекорд во поени, но затоа го реализираше првиот двоен ефект во НБА постигнувајќи 10 поени и 12 скокови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


