| четврток, 6 декември 2018 |

Зонско паркирање ќе има во поголем број скопски населби

Програмата за инвестиции, која предвидува отворање нови паркинг-зони во повеќе населби во Скопје, не значи и нејзина реализација - вели Борче Јакимовски, директорот на Јавното претпријатие „Градски паркинг“

Print

Во скопските населби Автокоманда, Ново Лисиче, Kарпош 1, Kарпош 2, Kарпош 3, Kарпош 4, Kисела Вода, Водно, Влае и Ѓорче Петров е планирано да се воведува зонско паркирање, информираат од Градски паркинг. Во програмата на ова претпријатие се планира годинава да се отворат нови 2.131 паркинг-место, од кои за зонско паркирање се 1.261 место.

– Програмата за инвестиции, која предвидува отворање нови паркинг-зони во повеќе населби во Скопје, не значи и нејзина реализација. Јавното претпријатие, кое врши јавна дејност паркирање, има цел да биде во функција на граѓаните и да им го олесни овој дел од комуналната сфера. Ние, согласно правилникот за работа, за да отвориме нови паркиралишта, треба да добиеме иницијатива или од граѓани или од општина. Потоа, на основа на тие барања се спроведува анкета со граѓаните и ако се покажат позитивни резултати, и секако, ако соодветната општина одобри, претпријатието ќе го отвори паркингот –  вели Борче Јакимовски, директорот на Јавното претпријатие „Градски паркинг“. Тој додава дека ако се воведе зонското паркирање во нови населби, ќе биде бесплатно за станарите, а гостите ќе плаќаат од час.

Новите населби што ќе станат дел од зонското паркирање ќе бидат во т.н. бела зона, каде што паркирањето е најевтино и чини 15 денари од час. Во црвената е 45 денари, во жолтата 35, а во зелената 25 денари од час.

Претпријатието ќе отвори 210 нови паркинг-места и во третата зелена зона, претежно на улици во Дебар Маало. Ќе има и нови 34 места во втората жолта зона, и тоа на кејот „13 Ноември“ и на улицата „Орце Николов“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top