
Актерката Љупка Џундева е првиот лауреат на јубилејното десетто издание на меѓународниот филмски фестивал „Астерфест“ во Струмица. Македонската актерка е добитничка на почесното признание на фестивалот што годинава ќе се одржи од 27 до 31 мај и на Тивериополската филмска алијанса за посебен придонес во филмската и драмската уметност.
Во нејзина чест во Домот на културата „Антон Панов“ од Струмица ќе биде прикажан филмот „Мирно лето“ во режија на Димитрие Османли, во кој Џундева игра главна улога.
Џундева (79) толкувала впечатливи улоги во низа македонски долгометражни и кусометражни играни филмови, како и во ТВ-серии и драми. Нејзината актерска кариера почнала со првиот македонски игран филм „Фросина“ и активно трае до денес. Наградата ќе и биде врачена за време на одржувањето на фестивалот.
Фестивалското мото на јубилејниот „Астерфест“ е „Ново и старо“. Во текот на годинава, во знак на јубилејот ќе бидат организирани повеќе активности. Се планираат филмски вечери со авторите Бранко Ставрев и Желимир Гвардиол, премиера на краток филм на Ице Виранов, промоција на едицијата „Словенски Орфеј“, издавање на монографска публикација за брендот „Астерфест“, ретроспектива на наградувани и тематски филмски циклуси, креативно-едукативни работилници, портрети, изложби.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


