Евгенија Чанчалова од Куманово е победник на втората сезона на „Сите наши песни“. Евгенија како победник од Македонската радио-телевизија доби парична награда во вредност од 92.000 денари.
Второто и третото место и паричната награда во вкупна вредност од 92.000 денари рамноправно ја поделија останатите двајца финалисти на шоуто, Станимир Ѓуревски – Тане и Кристијан Тасевски.
Како арбитри на суперфиналето од втората сезона на шоуто беа првите дами на македонската поп-музика Калиопи, Каролина Гочева и Елена Ристеска, коишто во вториот дел од шоу-програмата имаа ексклузивни дуети со суперфиналистите на „Сите наши песни“.
– Македонската радио-телевизија и секторот за Културно-уметничка програма на Македонската телевизија го создаде проектот „Сите наши песни“, со цел заштита и афирмација на македонската забавна музика посебно во време на вистинско затишје на македонската забавно музичка сцена и пред напливот на странска музика. Со тоа не само што се потврди општествената одговорност на МРТ, туку се наметнаа и нови визуелно-сценски и музички стандарди за реализирање на вакви шоу-програми – изјави Каролина Петковска, уредник на забавна програма.
Вкупно во двете сезони на ова прво и оригинално македонско музичко шоу од ваков формат за создавање нови музички ѕвезди, беа селектирани 96 кандидати и отпеани над 250 македонски забавни мелодии на сите времиња придружувани од „Биг бендот“ на МРТ, под раководство на Кире Костов и Љупчо Мирковски. Кандидатите и нивните изведби беа оценувани од страна на најетаблираните имиња на македонската музичка сцена, новинари, автори на музика, аранжери, текстописци и интерпретатори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.





