Издавањето на албумот „Срце“, чиј што прв тираж беше распродаден во рекордно време, концертни настапи за негова промоција, хитови на радиостаниците, снимени видеоспотови и признанија од медиумите, се само дел од нештата по кои аренби-дуото ДНК ќе ја запамти минатата година.
А, на самиот крај на годината, во опуштена атмосфера, токму како што наложува и самата нумера, Панчо и Андреј заедно со своите пријатели и соработници снимија видеоспот за песната „Опуштено“, која Панчо ја напиша и посвети на својот пријател од Хрватска, диџеј Бронсон, кој пред две години почина од рак.
– Оваа песна ми значи многу. Ја напишав во тежок период за мене затоа што изгубив пријател кој го сакаше животот, а тој ја загуби битката со ракот. Баш затоа, да му се подаде рака на оној на кој му е потребна помош, да се негува животот затоа што е премногу краток, да се шири позитивна енергија и да се живее секој ден како да е последен се клучните пораки во „Опуштено“ – изјавува Панчо.
Спортисти од неколку конкурентски клубови, новинари од различни редакции и медиумски личности, се главните протагонисти кои со многу насмевки ќе ѝ ги доловат на публиката овие пораки во видеото што го режираше долгогодишниот соработник и пријател на ДНК, Владимир Митревски-Ѓуле.
– Целта ни беше да ги споиме конкурентските спортисти и новинари и да покажеме дека и покрај различностите, сепак треба да шириме љубов и позитива, да ги надминеме сите недоразбирања и бариери, да бидеме благодарни на она што го имаме, да бидеме хумани, да се сакаме, и да сфатиме дека богатството е во вистинските пријатели – вели Андреја.
Аранжманот на „Опуштено“ го направи хрватскиот продуцент Марвел, музиката и текстот се на Панчо, а песната ја продуцираше Дарко Димитров во неговото студио „Димитрови“, каде што беше и снимена истата.
Видеоспотот ќе биде промовиран на почетокот на февруари, за кога ДНК на скопската публика и најавуваат клубска свирка со бенд во живо.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.