Пратениците во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, на денешната дебата за предлог-Резолуцијата за Република Македонија жестоко се спротивставија на дел од предложените амандмани на известувачот Ричард Ховит, пред се во однос на неговото барање за воведување на двојазичност во нашата земја.
На второ разгледување на предлог-резолуцијата за Македонија во Европарламентот, а пред утрешното гласање на АФЕТ, Ховит ги претстави компромисните амандмани, од кои повеќето се во корист на грчко-бугарската анти-македонска коалиција во ЕП. Но, притоа известувачите во сенка, Едвард Кукан и Чарлс Тенок, но и Хрватите Андреј Пленковиќ и Давор Штиер, жестоко се спротивставија на употреба на горенаведените термини.
Како што претходно објави Република, во 12-тиот компромисен амандман на Ховит се истакнува важноста на промовирање инклузивно двојазично образование и двојазичност во целина, а особено во општините каде немнозинските заедници треба да се здобијат со уставно право да го користат својот јазик во јавните живот и официјални акти”.
На дебатата за амандманите, Ховит посочи дека не ја обвинува земјата за ултранационализам и дека се работи за нешто со кое ЕУ не се согласува во ниту една земја, па според него „национализмот може често да се меша со патриотизам”.
– Кога се работи за јазиците, никогаш немав намера да го исфрлам називот „македонски јазик”, туку сакав да поттикнеме да влезат и јазиците на различните заедници во земјата, да го поттикнеме двојазичното образование – посочи Ховит при презентацијата на компромисните амандмани.
Но, во дебатата тој доби низа критики и сугестии да се откаже од зборовите „ултранационализам” и барање на ЕП за двојазичност во земјата.
– Интеграцијата на Македонија е и тест за кредибилитетот на политиката на проширување на ЕУ. А, Ховит би сакал да го прашам дали кога говори за двојазичност, тоа значи еден дел од народот во земјата да научи албански јазик? Ако е така, тогаш јас сум од Словачка и не би сакал некој да ми наметне да го учам унгарскиот јазик, како јазик на малцинството – посочи Кукан.
Британскиот европратеник од редовите на конзервативците, Чарлс Тенок, посочи дека неговата партија има сериозни замерки за компромисот 12 за прашањето за обавезна двојазичност! Според Тенок, можеби е подобро англискиот јазик да стане заеднички јазик на Балканот, “но да се обврзува народот да учи други јазици значи премногу, предалеку се оди! –
предупреди Тенок, посочувајќи дека не е работа на Европарламентот да се мешаме во тоа кои јазици ќе се учат во земјата.
Хрватите Давор Иво Штиер и Андреј Пленковиќ, како и Швеѓанката Ана Ибрисагиќ, исто така побараа исфрлање на барањето за двојазичност и зборот „ултранационализам” Притоа, Пленковиќ потсети дека пред 11 години, со Солунската агенда, Грција и го трасирала патот на Хрватска кон ЕУ и дека е сега време токму додека трае Грчкото претседателство со Унијата истото да се повтори и во случајот со Македонија.
– Што мислите, господине Ховит со двојазичноста? Како на пример, во Шведска да мора да се учи и Фински? Не е во ред Македонците да се обврзат да учат друг јазик. А, и што ви значи тоа со ултранационализмот? Ова треба да се ифрли од Резолуцијата – побара европратеничката Ибрисагиќ.
Во име на Европската комисија, раководителот на секторот за Македонија во оваа институција, Дејвид Кулен, посочи дека ЕК ќе продолжи со поддршка на земјата низ структуриран дијалог и давање на финансиска помош. Тој ги спомена носењето на Законот за медиуми и измените во Изборниот законик како важни, но и дека мора да се внимава истите
да ја имаат поддршката на сите засегнати страни.
На крајот од дебатата, известувачот Ричард Ховит повтори дека во однос на двојазичноста тој не барал обврска Македонците да го изучуваат албансктиот јазик, туку ја нагласува важноста од поттикнување на луѓето да го учат и другиот јазик.
– Ако, сепак, постои загриженост во однос на евентуално криво толкување на текстот, подготвен сум во соработка со другите да го преформулирам. Исто и во однос на употреба на зборот „ултранационализам”. Јас никого не обвинувам дека е ултранационалист и јас едноставно сум загрижен ако употребиме збор национализам дека тоа ќе испрати лош
сигнал оти тогаш би значело дека национализмот, т.е. домољубието дека е проблематично. Никого во Македонија не го обвинуваме со оваа формулација и таа е јасна – посочи Ховит.
Во текот на утрешниот ден, АФЕТ ќе гласа за предлог-Резолуцијата за Македонија, додека Европскито парламент, истата целосно ќе ја изгласа на пленарна седница во Стразбур идниот месец, до кога се можни измени во текстот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.