| четврток, 6 декември 2018 |

Грци во кризата купувале имоти во Велика Британија

grcija znameВластите во Грција проверуваат т.н. „златни имоти“ на свои сонародници во Лондон, купени во екот на кризата од 2009 до 2011 година, пишуваат грчките весници. МИА од Атина пренесува дека Велика Британија до Грција испратила список со 400 имиња на Грци кои купиле или продале недвижности во Лондон. Се претпоставува дека за време на кризата на британскиот пазар на недвижности имало трансакции во вредност поголема од 1,5 милијарда евра.

Двајца грчки обвинители задолжени за финансиски криминал издале наредба да се проверат сите Грци кои се здобиле со куќи или други недвижности во Лондон во последните години.

Медиумите коментираат дека она што најмногу паѓа во очи е фактот што во екот на кризата, најмногу во периодот 2009-2010 година, интересот на Грците за купувања на имот во Лондон бил толку голем што брокерите ги нарекувале „кеш Грикс“, односно „Грци со готовина“.

Само во 2010 година по изборите, Грците инвестирале околу 295 милиони евра на лондонскиот пазар на недвижности. Во 2011 година купувањата достигнале 250 милиони евра, а во 2012 година се проценува дека надминале 300 милиони евра, кои можеби се повеќа, затоа што има многу Грци кои претпочитаат компании на „егзотични“ за да склучат вакви договори.

Грците во Лондон купувале студентски станови за 300 до 500 илјади фунти, но имало и милионери кои избрале поскапи имоти.

Се смета дека инвестицискиот „бран“ во Лондон го достигнал својот врв во 2012 година, кога е регистриран раст од 50 отсто на трансакциите извршени од Грци на пазарот на недвижности. Брокерите рекле дека се купуваат претежно куќи со цел тие да носат некаков постојан приход.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top