| четврток, 6 декември 2018 |

Детали за вчерашното двојно убиство: таткото застрелан во глава, синот трипати во гради

policijalenta

Извршителот на двојното убиство во скопската населба Чаир, Тахир Шурки (52), е приведен, а полицијата соопшти и детали во врска со настанот. Убиените татко и син од Скопје, Алајдин (56) и Мустафа (27) Ајредини, имале претходни недоразбирања со соседот поради што дошле пред неговата куќа.

– Почнале вербална расправија и откако лицето ја отворило влезната врата, веднаш извадило оружје. Со неколку истрели, практично на прагот, на самата улица, ги усмртил таткото и синот – изјави портпаролот на МВР Иво Котески.

Таткото Алајдин бил застрелан во главата, а синот Мустафа добил три куршуми во градите.

Убиецот живеел на две куќи од убиените. Откако ги усмртил, влегол дома, зел околу 2.000 евра  и се обидел да побегне. Сепак, при бегството бил забележан од полицаец во цивилка.

– Полицаецот веднаш пријавил до колегите од мобилната единица дека осомничениот се дал во бегство. Тие веднаш се организирале, воспоставиле обрач во околината и го забележале во непосредна близина на Гинекологија „Чаир“, го запреле, се обиделе да го легитимираат, но пружил отпор по што бил совладан – информира Котески.

Осомничениот е во полициска станица, а МВР трага по оружјето со кое е извршено убиството.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top