Претседателот на ССМ, Живко Митревски во интервју за весникот Нова Македонија, договорот со приватниот сектор за исплата на регрес на годишен одмор го смета за доказ дека во Македонија функционира социјалното партнерство.Тој додава дека регресот е задолжителен за сите компании.
– Во согласност со законот за работни односи, примената на општиот колективен договор е задолжителна и тој непосредно се применува. Тоа значи дека нема дилеми дали некој сака или не сака да го применува општиот колективен договор, туку примената е задолжителна. Доколку не се применува, се предвидени санкции, слично како и во делот за неисполнување услови за работа, каде што законот и колективниот договор утврдиле санкции во висина од илјада евра, а доколку се продолжи со неисполнување, и до 4 илјади евра. Сметаме дека тоа нема да се случи, бидејќи доколку дојде до судење, судот сигурно ќе го задолжи работодавецот да ја плаќа утврдената сума за регрес, а ќе треба да ги плати и трошоците за судскиот спор, вештачење и друго- додава Митревски.
А, за тоа дали постои опасност да се намалат платите на работниците заради регресот, првиот синдикалц вели:
– За да се избегне опасноста некои компании да не го исплаќаат регресот за годишен одмор, со Министерството за труд и социјална политика договоривме доколку има екстремни појави и од работниците се бара враќање одредена сума, брзо и итно да се реагира и од Министерството и од синдикатот. Сепак, тоа е строго казниво и мислам дека ретко кој ќе се осмели да го прави. Иако некои компании тврдеа дека ова ќе биде дополнително оптоварување за претпријатијата, тоа нема да биде така, бидејќи за регресот се плаќа само данокот за додадена вредност, другите даноци не се плаќаат. Затоа сметаме дека регресот не е висока сума за да претставува дополнително оптоварување. Се исплаќа еднаш годишно, а висината на минималните плати и воопшто на платите во Македонија не е на завидно ниво за да биде оптоварување за фирмите. Затоа сметам дека регресот ќе се исплаќа како што е договорено. Сепак, ние како синдикат сме организирани, имаме 30 претставништва речиси низ сите градови во земјава, имаме бесплатна правна служба и во корелација со Министерството за труд и социјална политика веднаш би интервенирале и би спречиле злоупотреба да договорот- додава Претседателот на ССМ, Живко Митревски во интервју за весникот Нова Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


