
Министерот за образование и наука, Спиро Ристовски денес одржа состанок со директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Дарко Димитров. Тие разговарале за отпочнувањето на имплементацијата на програмата на ЕУ за образование, обука млади и спорт, „Еразмус + 2014-2020“.
Од денес на интернет страницата на Националната агенција и во дел од печатените медиуми е објавен повик до сите заинтересирани субјекти, професори, студенти, наставници, стажанти, волонтери, младински работници, да аплицираат за конкретни проекти заради искористување на средствата кои за оваа намена се доделени од ЕУ.
-Одобрен е буџет од 3,5 милиони евра за оваа година, кој е двојно поголем од буџетот од минатата година, кои беа наменети за програмите “доживотно учење“ и “млади во акција“, рече министерот.
Тој потенцира дека сите имаат можност да аплицираат, а критериумите и условите се наведени во самиот оглас .
-Постојат вкупно три клучни акции. Првата е „Мобилност на знаење“ односно размена на ученици, студенти и волонтери во областа на образованието, обуката и младите. Втората се однесува на соработката во делот на „иновациите и размената на добри практики“ и третата е во делот на апликација со проекти за реформи на политиките во областа на образованието, обуката спортот и младите, истакна Ристовски.
Со одредени проекти може да се аплицира во Брисел, односно во Европската Комисија и можат да се извлечат дополнителни средства, покрај овие кои се определени за користење, наменети за Македонија.
Роковите за аплицирање во секоја област се различни.
-Апликацијата е до средината на месец март за одредени проекти, а за други има предвидено прилично подолг рок, кој доаѓа дури и до средината на месец октомври, рече министерот.
Тој уште еднаш апелираше до сите македонски граѓани и институции, професори, волонтери-стажанти кои сакаат да аплицираат, да го направат тоа. Верува дека ќе има креативни проекти и дека расположливите средства ќе се искористат во целост.
-Ветувам и укажувам дека ќе биде обезбедена максимална транспарентност, правичност во распределбата на средствата за и понатаму да ја оправдаме довербата која ЕУ ни ја изрази, истакна Ристовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


