| четврток, 6 декември 2018 |

Американското разузнавање пресретнува 200 милиони смс пораки на ден

Американската Агенција за национална безбедност (NSA) тајно пресретнувала 200 милиони текстуални пораки на ден во целиот свет, пишува британскиот дневен весник „Гардијан“, повикувајќи се на документите доставени од поранешниот соработник на американското разузнавање Едвард Сноуден. Како што пишува весникот, во април 2011 година, американската разузнавачка служба секој ден пресретнувала речиси 194 милиони текстуални пораки. Со помош на специјалната програма под кодното име Dishfire, разузнавачите можат да од текстуалните смс пораки да извлекуваат информации за локацијата на претплатникот, неговиот адресар и финансиските трансакции. Како што се истакнува, програмата собирала „практично сѐ што било возможно”, а не само информации коишто се однесуваат на одредени тајни операции.

Документите со коишто располага весникот покажуваат и дека британската разузнавачка агенција GCHQ ја користела базата на податоци на NSA за да ги пребарува клучните податоци за комуникациите меѓу граѓаните во Обединетото Кралство.

Американските разузнавачки агенции, исто така, ја користат и програмата Prefer којашто ги анализира податоците од автоматските текстуални пораки коишто пристигнуваат на мобилните телефони на претплатниците. Особено на анализа се подвргнати пораките за пропуштени повици, пораките за преминување на државни граници, како и соопштенија на туристички компании, Информациите добиени од соопштенијата на претплатниците во САД, според тајните документи, биле речиси целосно отстрането од базата со податоци на NSA, меѓутоа податоците коишто се однесуваат на претплатниците од другите земји се непроменети. Кои земји, покрај Велика Британија, се вклучени во ваквиот надзор на американското разузнавање, весникот не прецизира.

Исто така, не се прецизира кога Сноуден ги доставил документите, иако е познато дека тој со британскиот весник соработуваше преку американскиот новинар Глен Гринвалд кој живее во Бразил.

„NSA обемно се користела со својата огромна база текстуални пораки за да пронајде информации за плановите за патувања на луѓето, нивните адресари, финансиските трансакции и друго, вклучувајќи и поединци кои не се осомничени за илегални активности”, пишува The Guradian.

На почетокот од декември минатата година американскиот дневен весник The Washington Post, исто така, повикувајќи се на доверливите документи кои ги разоткри поранешниот соработник на американското разузнавање Едвард Сноуден и интервјуа со американски разузнавачки функционери, објави дека Агенцијате за национална безбедност (NSA) собира речиси пет милијарди податоци дневно за локациите на мобилните телефони во светот.

Според соговорниците на весникот, во големата база на податоци се чуваат записите за локациите на коишто се наоѓаат стотици милиони мобилни телефони во светот, што на разузнавачката агенција им овозможува следење на движењето на индивидуи и нивниот однос на досега незамислив начин.

Аналитичарите на NSA можат да ги пронајдат мобилните телефони каде и да е на светот, да го утврдат нивното движење и да го разоткријат тајните односи меѓу луѓето коишто ги користат.
Мобилните телефони ја откриваат својата локација и кога не се користат за телефонирање или испраќање пораки. А NSA тоа го прави приклучувајќи се на каблите коишто ги поврзуваат мобилните мрежи во светот.
Според весникот, NSA чува 27 терабити податоци, што е двапати повеќе отколку содржината на прочуената Конгресна библиотека, една од најголемите во светот.
Едвард Сноуден во јуни 2013 година на дневните весници, американскиот The Washington Post и британскиот The Guardian, им предаде документи коишто ја откриваат масивната операција на следење на електронските комуникации и прислушување на мобилните уреди на милиони луѓе низ светот преку тајната програма Prism, преку најголемите интернет и телекомуникациски оператори во светот. Според NSA, новинарите можеле да добијат околу 200 илјади тајни документи. По нивниот трансфер до весниците, Едвард Сноуден кој претходно работел на Хаваи, го напушти Хонгконг и долета во Москва од каде што имаше намера да отпатува и да побара азил во некоја латиноамериканска земја.

Откако САД, коишто трагаат по него поради три обвиненија за шпионажа, нелегално поседување класифицирани документи и неовластено доставување до медиумите, се заканија со санкции за земјите коишто ќе го примат а многу авиони на пат за Јужна Америка во кои што се сомневаа властите дека се наоѓа Сноуден беа приземјувани или им беше откажана дозволата за прелетување на европските земји, поранешниот американски разузнавач од 23 јуни 2013 година до август мина на транзитниот терминал на меѓународниот московски аеродром Шереметјево. Потоа доби привремен азил во Русија, со услов од претседателот Владимир Путин повеќе да не нанесува штети на САД, односно да не доставува документи до медиумите.

Американскиот претседател Барак Обама, според најавите, во петок ќе и објави плановите за реформирањето на програмата за прислушување на NSA, на којашто работеше група експерти од разни области ангажирани од Белата куќа, по избувнувањето на скандалот со документите раширени од Сноуден.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top