| четврток, 6 декември 2018 |

И Грците признаваат, кризата во Македонија им оди во прилог

Парламентарната криза во Македонија деновиве е актуелна тема во грчкиот печат кој со нескриено задоволство пишува за бојкотот на парламентот од страна на опозицијата и последиците од таквите случувања врз меѓународната позиција на земјата, јавува дописникот на МРТ од Атина

grcki-mediumi-606x360

Дека политичките тензии во Македонија му одат во прилог на јужниот сосед сметаат и грчките аналитичари од кои МРТ побара став. Новинарот и одличен познавач на балканските состојби Јоргос Пападакис смета дека состојбата на политичката сцена во Македонија им оди во прилог на оние кои не и мислат добро на земјата.

-Сите мора да имаат предвид дека ваквата ненормална ситуација во Македонија им дава оружје и на Грција и на Бугарија во рамките на Европската Унија. Тие ќе тврдат дека не ја блокираат Македонија само заради името и добрососедските односи, туку сега ќе велат и дека земјата не е зрела демократија, па според тоа и дека не е зрела за членство во Европската Унија- смета Пападакис.

Според него, одговорни за состојбите во Македонија се сите политички фактори во земјата.

-Постојано слушаме дека тоа се што прави се прави за подобра иднина на Македонија и дека Македонија е нивниот најголем интерес. Е ако е тоа навистина така, дојде време тоа и да го покажат. Сметам дека СДСМ ја изгуби мерката и себе си се води во ќор сокак. Абсурдно е да се бојкотираат локалните избори, кога во една демократија токму изборите се единствениот начин да се решаваат ваквите проблеми- вели Пападакис, при тоа апелирајќи до СДСМ полека да бараат начин да се врати во  институциите.

Пападакис со порака и до владеачката партија:

-Демократија без опозиција е бесмислена и затоа ВМРО ДПМНЕ треба да вложи искрени напори за да го овозможи нејзиното враќање во Парламентот- вели тој нагласувајќи дека целата работа не треба да се сведува на лични политички пресметки туку да се обрне внимание и на граѓаните.

Во меѓувреме, додека грчките медиуми во континуитет известуваа за дејствијата на македонската опозиција и Македонија ја прикажуваа во особено лошо светло, тоа истовремено и послужи како одличен аргумент на грчката дипломатија за како што самите најавија  – “успешно справување со прашањето со името”.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top